Гран-при за графиките на Виолета Чаповска

Делото „Мерка на растојание“ на авторката Виолета Чаповска ја доби единствената награда на 18. Зимски салон на Друштвото на ликовните уметници на Македонија (ДЛУМ).

Зимскиот салон на ДЛУМ е поставен во објектот Чифте амам при Националната галерија и содржи дела од 16 автори, кои одговорија на темата „Првиот грев – правата доблест“. За изложбата беа селектирани дела од уметниците Вана Урошевиќ и Зоран Тодовиќ, Кирил Гегоски,Тања Балаќ, Марјана Костојчиноска Узунчева, Татјана Манева, Никола Пијанманов, Борче Богоевски, Илина Арсова, Филип Фидановски, Петра Јовановска, Шќипе Мехмети, Валентина Илијевска, Жаклина Глигориевска Кочоска, Виолета Чаповска и Слободан Живковски.

Награденото дело „Мерка на растојание“ на Виолета Чаповска претставува спој на жени од различни политички и религиозни времиња: Еврејката Хана Аренд, Пакистанката Мукхтар Маи и Виетнамката Лим Ти Деп.

Хана Аренд
Мукхтар Маи
Лим Ти Деп
Баналноста на злото

Во своето образложение кон делото, кураторот Кирил Пенушлиски потенцира дека Чаповска е единствениот уметник на изложбата кој ја обработува темата на непослушноста како потреба во современото општество. Со наслов „Мерка на растојание“ авторката изложува четири дела во комбинирана техника (литографија, линорез, свила и колаж). Три се портрети на жени што се борат против неправдата, нееднаквоста и насилството, а четвртото дело е графика на која се истакнати зборовите „Баналноста на злото“. Тоа што ги спојува портретите на трите жени е револтот, бидејќи Аренд како политички теоретичар се борела против тоталитаризмот и заробената мисла, Маи како жртва на силување е позната како активистка за женските права и образование на девојчињата, додека Дел на свои 18 години се борела во виетнамската војна.

– Концептот на кураторот Кирил Пенушлиски и неговата визија за Зимскиот салон длабоко резонираше со моите сопствени размислувања на темата непослушност и револт. Делото „Мерка на растојание“ е продолжување на долготековната серија „Верус 2016-“ (на латински – вистина). Во пошироки рамки делото го рефлектира мојот долгорочен интерес во концептот на непокор, жени кои во услови на војна, егзил и насилство, преку својата непослушност и храброст стануваат борци за слобода, правда и вистина. Навидум Хана Аренд, Мукхтар Маи и Лим Ти Деп немаат ништо заедничко. Аренд е прикажана како млада и наивна студентка по филозофија во Париз, Маи е завеана во долг хиџаб во стилот на нејзината муслиманска вера, а 18-годишната Деп гордо ја држи американската пушка М-16. „Мерката“ меѓу нивните различни географски, политички и религиозни „растојанија“ е, всушност, тоа што се обидував да го разработам и помирам во моето дело, прикажано во Зимскиот салон. Растојание (разбрано и физички и апстрактно), што, секако, нема мерка, објасни наградената авторка за „Културен печат“.

Виолета Чаповска (1967) е родена во Скопје, дипломирала на УКИМ, графички оддел на ФЛУ во 1991, а магистрирала на Кралскиот институт на технологија во Мелбурн во 1995 година. Работи со графика, перформанс, видео, текстил и фотографија и живее во Австралија.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 17, во печатеното издание на „Слободен печат“ на 8-9 февруари 2020)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот