Граѓаните се жалат на комуналните сметки, на нереално високите сметки и недобивањето добра услуга во Организацијата на потрошувачи. Лани, најзастапени биле реакциите на граѓаните за проблемите со високи сметки за електрична енергија, која не ја потрошиле, а имало поплаки и за високите сметки за телекомуникациските услуги и незадоволство од квалитетот на интернет услугите на операторите, но и високи сметки за водоснабдувањето, вели во интервју за „Слободен печат“, Маријана Лончар Велкова, претседател на Организацијата на потрошувачи.
Во однос на топлинската енергија потрошувачите се жалеле на проблеми со исклучено греење, иако грејната сезона започнала или на слабата топлинска енергија.
– Изминатата година беа евидентни и проблемите со туристичките услуги. Најчесто се работеше за проблеми со туристичките патувања, односно ваучерите за патување кои се доделуваа за откажани патувања поради корона вирусот, како и неможноста потрошувачите да ги остварат своите права поинаку, освен да поведат судска постапка. Овие проблеми, патем, не изостанаа ни во ЕУ, па од тие причини Европската организација на потрошувачи – BEUC повика тројца европски комесари да работат заедно за изнаоѓање на решение што ќе и помогне на туристичката индустрија, но тоа да не биде на штета на потрошувачите. Правото на потрошувачите да им бидат вратени уплатените средства во случај на неможност на исполнување на патниот аранжман поради откажување, не треба да се претвори во обврска потрошувачите да и „позајмуваат“ средства на туристичката индустрија, бидејќи и тие се соочуваат со сериозни здравствени и економски последици од пандемијата. Ваквата иницијатива потрошувачите да бидат обесштетени, а не само да им се доделат ваучери, ОПМ ја достави и до Министерството за економија – вели Лончар Велкова од ОПМ.