Граѓаните навалија на ПЦР и брзи тестови

ПЦР тест / Фото: Архива

Интересот за ПЦР-тестови на граѓаните го препознаа и приватните лаборатории, кои веднаш смислија и маркетинг-стратегија. Почнаа да се рекламираат и да нудат групни пакети со попусти за членови од исто семејство.

Граѓаните во последниве две недели навалија на пунктовите за тестирање, но не поради симптоми поврзани со коронавирусот, туку за да патуваат надвор од државата. Ако до неодамна имавме ситуации во кои заболени не сакаа да се тестираат поради страв од изолација и карантин, сега состојбата е многу поразлична. Со денови се чека за термин за тестирање, а граѓаните не жалат пари за брзи и ПЦР-тестови.

Доказ за зголемениот број тестирања се и дневните извештаи на Министерството за здравство за направени ковид-тестови. Оттаму информираат дека врз основа на податоците испратени од Институтот за јавно здравје во понеделникот (21 јуни) направени биле 1.601 тестирање, а во вторникот (22 јуни) – 2.952 тестирања.

Од Центарот за јавно здравје во изјава за „Слободен печат“ велат дека има голем интерес за тестови за патување за кои се плаќа 2.200 денари. Граѓаните можат да си закажат и преку матичен лекар, па на тој начин да добијат можност за бесплатно тестирање, но во тој случај нема да добијат сертификат на англиски јазик, неопходен за влез во некоја од европските земји.

– Дневно правиме само кај нас од 40 до 50 тестирања, не по индикација, туку за патување. Цената е 2.200 денари, а пациентите добиваат и сертификат на англиски јазик. Тестирањата што се со упат од матичен ги извршуваме бесплатно, но не издаваме за нив сертификат за да нема можност за злоупотреба – велат од ЦЈЗ и додаваат дека најголем број од тестовите се негативни затоа што се тестираат здрави луѓе.

Бизнис-стратегија

 

Интересот за ПЦР-тестови на граѓаните го препознаа и приватните лаборатории, кои веднаш смислија и маркетинг-стратегија. Почнаа да се рекламираат и да нудат групни пакети со попусти за членови од исто семејство.

Од „Никоб лаб“ ни одговорија дека цените се променливи.

– Брзиот тест што до пред извесно време чинеше 800 денари, сега чини 1.000 денари. Истата цена се плаќа и за ПЦР-тест. Со сите тестови се добива сертификат на англиски јазик – ни одговорија од „Никоб лаб“.

Во лабораторијата „Биотек“ 2.100 денари чини ПЦР-тестот, а 1.800 денари се плаќа ако се тестираат повеќе членови од исто семејство. Брзиот антиген тест чини 1.000 денари и се изработува за 45 минути. За него се добива сертификат на англиски јазик, додека за ПЦР-тестовите се добива сертификат и на англиски и на германски јазик.

 

Не сите земји ги прифаќаат брзите тестови

 

Холандија бара задолжителен негативен брз антиген тест не постар од четири часа пред качување во авион, како дополнување на нивното барање за задолжителен негативен ПЦР-тест. Германија бара негативен брз антиген тест одобрен од СЗО не постар од 48 часа, но исто така прифаќа ПЦР, ЛАМП или TMA тестови. Велика Британија бара негативен антиген тест не постар од 72 часа, но исто така прифаќа ПЦР или ЛАМП тестови.

Со оглед на тоа што ЕУ/Шенген земјите постојано ги менуваат правилата за патување поврзани со ковид-19, препорачливо е патниците пред да тргнат на патување, задолжително да ги проверат последните информации во Амбасадата на земјата во којашто планираат да пристигнат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот