Графичкиот роман „Чанбара“ во издание на „Бункер“ е извонреден стрип со безвременска приказна

„Чанбара“ е десеттиот графички роман во издание на „Бункер“

Стрип-издавачот „Бункер“, во рамките на едицијата „Апсолутни почетници“, го издаде десеттиот графички роман „Чанбара“, од италијанскиот авторски тандем Роберто Рекиони (сценарист и долгогодишен главен уредник на популарниот италијански стрип-серијал „Дилан Дог“) и Андреа Акарди (цртач на некои од најпознатите италијански стрипови, како „Текс Вилер“, на пример).

Се работи за поново остварување на италијанскиот издавачки гигант „Серџо Бонели Едиторе“, кој повеќе децении на нашите простори е познат по популарните јунаци: Дилан Дог, Марти Мистерија, Загор, Текс Вилер, Мистер Но.

Терминот чанбара на јапонски сленг означува борба со мечови и истиот има посебно место во златната ера на филмот во Јапонија помеѓу четириесеттите и шеесеттите години од минатиот век. Стрипот дава минуциозен опис на феудалните прилики во Јапонија во 17-тиот век. Покрај внимателно изградената структура на ликовите во него детално се прикажани и зафрлените села, куќите, оризовите полиња, ентериерот…

Познатиот италијански дневен весник „Ла Стампа“ во написот посветен на овој стрип ќе истакне дека сценаристот Рекиони приказната во стрипот ја раскажува во манирот на еден Акира Куросава или Сем Пекинпо, што е најголем можен комплимент кој еден стрип-автор може да го добие.

Насловна корица на „Чанбара 1“

И навистина, „Чанбара“ е извонреден стрип не само поради прекрасниот цртеж на Андреа Акарди, туку и поради фасцинантната способност на Роберто Рекиони да раскаже безвременска приказна. Креативната уметничка соработка на двајцата реномирани италијански автори во ова дело го одбележува врвот на нивните кариери.

Македонскиот превод на делото е печатен во форма на репрезентативно библиофилско издание во тврд повез и боја. Делото беше промовирано во рамките на второто издание на стрип-фестивалот „Стрип трип“ на 8 јуни 2024 година во Младинскиот културен центар во присуство на авторите, кои специјално за оваа прилика допатуваа од Италија. Нивните пат и престој беа обезбедени од страна на Амбасадата на Република Италија во нашата држава.

Промоција на стрипот на „Стрип трип“ во МКЦ

Објавувањето на графичкиот роман на македонски јазик го поддржа Министерството за култура. Преводот од италијански јазик е на Искра Димковска, а лектурата на Татјана Б. Ефтимоска. Дизајнот, типографијата и подготовката за печат се на Ласко Џуровски, „Тотем“ д.с. Издавачот „Бункер“ веќе повеќе од 10 години ја поседува првата специјализирана книжарница за стрипови кај нас.

(Текстот е објавен во „Културен печат“ број 235, во печатеното издание на весникот „Слободен печат“ на 15-16.6.2024)

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот