Градот засмрде од ѓубре: Градоначалниците бараат комуналците и Арсовска да си ја вршат работата

Фото;: Општина Кисела Вода

И додека граѓаните и општинарите реагираат, градоначалничката Арсовска си молчи како да не станува збор за јавно претпријатие кое под нејзина надлежност и како сето ова да се случува во некој друг град, а не во Скопје, кое моментално таа го раководи. Од „Комунална хигиена“ пак тврдат дека станува збор за валкани политички игри и обиди да се компромитира претпријатието.

Неколку градоначалници два дена реагираат и ги обвинуваат комуналците дека не си ја вршат работата за која се платени од граѓаните, дека отпадот не се собира редовно, дека населбите на високите температури смрдат на ѓубре што се распаѓа, со што се загрозува здравјето на граѓаните. Инспекторите од Општина Кисела Вода дури поднесоа и прекршочна пријава до „Комунална хигиена“ која треба да плати 1500 евра за несобраното ѓубре.

И навистина, градот е во ужасна состојба, смрдеа од сите страни. Дури и онаму каде комуналниот отпад редовно се собира, непријатна миризба се шири од контејнерите, кои којзнае од кога не се измиени, ниту пак е измиен просторот каде се лоцирани од исцедоците од отпадот.

Вчера реагираше градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски кои се пожали дека ѓубрето во делови од општината не е собрано десетина дена и побара екипите на „Комунална хигиена“ веднаш да излезат и да си ја завршат работата за која се платени од граѓаните. Тој и порача на градоначалничката Данела Арсовска дека доколку не е способна да се справи со овие задачи, веднаш нека ги префрли ингеренциите на општините за да не трпат граѓаните.

Фото: Општина Бутел

За нечистотијата во својата општина се огласи и градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, кој по реакциите на граѓаните посочи дека состојбата околу контејнерите е загрижувачка бидејќи може да го загрози здравјето на секој граѓанин. Според него, комуналците деновиве работеле со малку поголем интензитет, но информираше и дека дознал дека претпријатието ја разгледувало можноста да повлече од сообраќај еден од двата камиона кои сообраќаат во Чаир. Според него, тоа би значело дека Општината ќе мора да склучи договор со друга лиценцирана фирма за одржувањето на хигиената.

„Комунална хигиена“ треба да плати 1500 евра за ѓубрето во општина Кисела Вода

И градоначалникот Орце Ѓорѓиевски информира дека и во Кисела Вода состојбата е ужасна, што според него е резултатот на несовесното работење на ЈП „Комунална хигиена“ и градоначалничката на Скопје. Тој посочи дека досега неколкупати алармирал до градските институции, со дописи, телефонски, но реакциите не донеле резултат.

Фото: Општина Кисела Вода

Бидејќи во нормална комуникација немаме никаква реакција, во текот на изминатите денови пративме комунален инспектор да ја провери состојбата на терен. Увидовме дека ситуацијата е катастрофалната и поради тоа понесовме прекршочна пријава до „Комунална хигиена“ и ова ќе биде наша практика и следните денови ако состојбата на се подобри. Секое непостапување ќе значи нова прекршочна пријава – вели градоначалникот на Кисела Вода.

Општинскиот сектор за инспекција на издал прекршочен платен налог во износ од 1500 евра за јавното претпријатие.

Алармантна состојба во Бутел, комуналците десетина дена не го собрале ѓубрето

Од Аеродром пак соопштија дека комуналците по пауза од две недели, од денеска повторно ќе почнат да го собираат отпадот од кантите за домаќинствата во Долно Лисиче.

 Ова следува по упатената реакција од страна на Општина Аеродром до јавното претпријатие од каде што нè известија дека ќе ја активираат механизацијата и ќе излезат на терен. Ги уверуваме граѓаните дека Општина Аеродром прави сè што е во нејзина надлежност за решавање и отстранување на ваквите проблеми со кои се соочуваат нашите жители. Истовремено бараме од јавното претпријатие собирањето на отпадот да се врши редовно во наредниот период со цел да се избегнуваат вакви несакани ситуации, а сѐ во интерес на аеродромци – велат од Општината.

Фото: Општина Аеродром

И додека граѓаните и општинарите реагираат, градоначалничката Арсовска си молчи како да не станува збор за јавно претпријатие кое под нејзина надлежност и како сето ова да се случува во некој друг град, а не во Скопје, кое моментално таа го раководи.

Затоа пак, од ЈП „Комунална хигиена“ ги демантираат сите изјави на градоначалниците и тврдат дека редовно го собираат и транспортираат комуналниот отпад без никаков застој.

Само во текот на месец јуни 2024 година, од подрачјето на општината Чаир се подигнати и транспортирани вкупно 1500 тони комунален отпад. Воедно, во оваа скопска општина секојдневно се реализираат и рачно и машинско метење, како и машинско миење на булеварите и улиците со употреба на автоцистерни, во согласност со Оперативниот план за одржување на јавната чистота на подрачјето на Градот Скопје – велат од претпријатието.

Оттаму повторно, како и во изминатиот период убедуваат дека се соочуваат со појава на тенденциозно непрописно одлагање отпад на јавни површини којашто резултира со енормно зголемена појава на диви депонии, што е особено изразено во општината Чаир.

Од Претпријатието остро реагираат и на информацијата на Ѓорѓиевски дека е поднесена прекршочна пријава против „Комунална хигиена“.

 Нашите очекувања беа дека досега ќе бидат поднесени пријави против прекршителите на Законот за јавна чистота што секојдневно ја загадуваат животната средина и го загрозуваат јавното здравје преку несовесно и непрописно одлагање огромни количества отпад на јавни површини. За жал, досега не сме слушнале дека инспекциските служби при општината реагирале, опоменале или казниле некој од овие прекршители. Ве молиме да престанете со валканите политички игри, ниските удари и обидите да го компромитирате Претпријатието – му порачуваат од „Комунална хигиена“ на градоначалникот на Општина Кисела Вода.

Оттаму посочуваат дека и во Кисела Вода комуналниот отпад редовно се собира и го советуваат Ѓорѓиевски веднаш да започне со инспекциски надзор, но не врз работата на „Комунална хигиена“ чиишто активности на терен се одвиваат седум дена во неделата во три смени, туку врз несовесните поединци што се занимаваат со непрописно одлагање отпад и загадување на животната средина.

Можеби зад речиси организираните реакции на градоначалниците има политичка позадина и обид да се „оцрни“ работата на Арсовска и на јавното претпријатие, но за тоа и не треба многу да се трудат. Скопјани се апсолутно свесни во каков град живеат во изминатите две-три години во кој не функционира ништо како што треба, почнувајќи од јавниот превоз, па до јавната хигиена.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот