Градот ветил дека ќе го затвори, па заборавил: Усјанскиот канал и натаму извор на реа и опасност од зарази

Фото: Архива

Град Скопје потпишал договор со фирмата „Геомап дизајн“ за изработка на основен проект за изградба – регулација и покривање на Усјански канал во должина од 2,5 км, но без одговор за колку време конечно ќе се затвори каналот 

Непријатна миризба од разлеани фекалии со денови ги мачи жителите на Кисела Вода, кои живеат во близина на Усјанскиот канал. Проблемите на граѓаните деновиве се уште поголеми поради високите температури што ја прават ситуацијата неподнослива.

Градските власти, иако одамна ветиле, сѐ уште не го решиле проблемот со отворениот канал, и покрај барањата и апелите од локалното население.

На неколку месеци пред локалните избори, од Град Скопје најавуваат дека допрва ќе изработат идеен проект за негова регулација и затворање, но немаат конкретен одговор кога целата постапка ќе заврши, односно кога конечно ќе биде затворен Усјанскиот канал.

Дел од жителите на Кисела Вода се обратија до нашата редакција, поради, како што велат, неисполнетите ветувања од Градот и на Општина Кисела Вода.

– Постојано живееме со ужасната миризба на канализација од која во лето треба да седиш со затворени прозорци. Поради близина на отворениот канал по кој течат фекалии имаме проблеми со стаорци, со комарци, се плашиме од зарази. Надлежните одвреме-навреме го чистат, но тоа не е доволно – вели Лиле Н. која живее во близина на Усјанскиот канал.

Граѓаните со кои разговаравме тврдат дека непријатната миризба на фекалии посебно се засилува во текот на викендите или по обилни врнежи, па се сомневаат дека проблемот делумно е поврзан и со работењето на угостителските објекти во кои се одржуваат свадби и други свечености, а кои се наоѓаат во близина на каналот.

– Сме се обратиле и директно до градоначалникот на Скопје Петре Шилегов и тој пред неколку години ни вети дека ќе го затвори каналот, со што би се решил проблемот, но ништо од тоа – додава Лиле.

Усјански канал или Усјански јаз е канал со должина од 3,6 километри, кој минува низ селото Усје и населбата Горно Лисиче. Според податоците достапни на Википедија, овој канал ги собира поројните води од неколку суводолици од Водно, а исто така и отпадните и атмосферски води од општините Аеродром и Кисела Вода и се влева во Вардар кај Горно Лисиче.

Изминативе неколку денови Инспекторатот на Град Скопје направил вонреден инспекциски надзор, каде што била извршена контрола на правни субјекти во должина на каналот во однос на приклучоци на фекална канализација, информираат од Град Скопје.

Во однос на затворањето на Усјанскиот канал, Град Скопје информира дека потпишал договор со фирмата „Геомап дизајн“ за изработка на основен проект за изградба – регулација и покривање на Усјански канал во населба Горно Лисиче.

„Ова се прави во насока на подобрување на животната средина и заштита на здравјето на жителите на овој дел од Скопје, каде што е потребно да се изработи основен проект во сите фази за покривање на дел од Усјанскиот канал, во вкупна должина од 2.500 метри од вкупно 3.600 метри“, стои во одговорот на Градот на прашањата поставени од „Слободен печат“.

Избраната компанија, велат оттаму, треба да изработи основен проект и да набави технички документации за повеќе области, да изврши голем број испитувања и да даде одговори околу идните активности.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот