Голманот е во болница, но и уште двајца фудбалери на Аеродром биле тепани во Слупчане
Во текот на вчерашниот ден голем скандал го погоди македонскиот фудбал, откако голманот на ФК Аеродром беше претепан во Слупчане во натпреварот со Беса.
Препорачано
Денеска беа уапсени и двајца фудбалери на домаќините за нападот, а со соопштение се огласи и тимот на Аеродром од каде што информираа дека покрај голманот, физички биле нападнати уште двајца нивни фубалери.
Од Аеродром велат дека чуварот на мрежата и денеска е во болница.
„По последниот судиски свиреж, нашите фудбалери беа физички нападнати од страна на дел од фудбалерите на противничкиот тим. Во инцидентот беа нападнати тројца наши играчи – голманот и уште двајца фудбалери, кои претрпеа телесни повреди и сите беа веднаш пренесени во болница во Скопје, каде што им беше укажана лекарска помош. По укажаната медицинска интервенција, двајца фудбалери се пуштени на домашно лекување, а голманот сè уште е хоспитализиран. Натпреварот заврши со победа на нашиот тим (2:1), а непосредно по досудениот крај, следуваше неиспровоциран и брутален напад врз членовите на ФК Аеродром. ФК Аеродром најостро го осудува овој чин на насилство и апелира до Фудбалската федерација на Македонија, надлежните дисциплински органи и Министерството за внатрешни работи да преземат сите потребни мерки за целосно расчистување на случајот и соодветно санкционирање на сторителите“, велат од клубот.
„Фудбалот мора да остане симбол на спортски дух, фер-плеј и почит, а не поле на агресија и опасност за здравјето на спортистите. Им се заблагодаруваме на сите клубови, спортски работници, навивачи и медиуми кои испратија пораки на поддршка и солидарност со нашите повредени играчи. ФК Аеродром ќе продолжи да се бори чесно на теренот и да го промовира спортот како место на фер натпреварување, со меѓусебна почит и спортски дух“, пишува во соопштението.
Приведени двајца фудбалери на Беса по нападот на голманот на Аеродром


