Големите митинзи може да си ги дозволат само големите партии

Претседателските кандидати потпишаа Кодекс за фер и демократски избори/ Фото: „Слободен печат“, Слободан Ѓуриќ

Од контактите со штабовите на претседателските кандидати може да се дознае дека, сепак, големите митинзи ќе бидат „резервирани“ само за големите партии и коалиции. Кампањите на кандидатите зад кои застанаа помалите партии ќе се организираат, главно, преку помали собири и директни контакти со граѓаните или, како што велат, без големи бини, масовна посетеност од граѓаните, без естрадни ѕвезди и спектакуларни огномети.

Седумте претседателските кандидати од четврток и официјално влегуваат во кампања за избор на шеф на државата. Денеска во Државната изборна комисија (ДИК) шестмина го потпишаа Кодексот за фер и демократски избори, а Стевчо Јакимовски одби да го потпише со образложение дека одредени кандидати се максимално фаворизирани и средставата за кампања не се рамноправно поделени.

Дел од кандидатите веќе одржаа конвенции на кои ги претставија главните поенти од своите програми, други конвенциите ќе ги одржат денеска, а некои го чекаат официјалниот почеток на кампањата за да ја претстават својата програма и визии пред граѓаните.

Од контактите со штабовите на претседателските кандидати може да се дознае дека, сепак, големите митинзи ќе бидат „резервирани“ само за големите партии и коалиции. Кампањите на кандидатите зад кои застанаа помалите партии ќе се организираат, главно, преку помали собири и директни контакти со граѓаните или, како што велат, без големи бини, масовна посетеност од граѓаните, без естрадни ѕвезди и спектакуларни огномети.

Заедничко за сите седум претседателски кандидати е дека максимално ќе бидат присутни на социјалните мрежи со видеа, обраќања до граѓаните, со одговори на прашања од гласачите, како и со учество на интервјуа и дебати на телевизиите.
Иако првично имаше обид да се одржи т.н. мастер-дебата на неутрален терен, поточно настап на сите претенденти за шеф на државата во исто време, иницијативата пропадна, бидејќи некои кандидати не прифаќаа дебата со некои од противкандидатите.

 

Пендаровски ќе води граѓанска, европска, транспарентна и позитивна кампања

Актуелниот шеф на државата и кандидат за втор претседателски мандат, Стево Пендаровски, на граѓанска конвенција ја презентираше програмата за работа за следните пет години.

– Кандидатот за претседател Стево Пендаровски води граѓанска, европска, транспарентна и позитивна кампања, во која ќе бидат инкорпорирани различни активности, односно митинзи, непосредни средби со граѓани и граѓански организации. Истите ќе бидат комуницирани на сите социјални медиуми кои и сега ги има Пендаровски, како актуелен претседател – велат за „Слободен печат“ од Медија центарот на Пендаровски.

Оттаму информираат дека пропаднал обидот за т.н. мастер-дебати на претседателските кандидати, иако првично бил постигнат консензус да се одржат две на неутрален терен.

– На тој начин, во духот на демократијата и транспарентноста, јавноста ќе следеше отворена дебата за прашањата за кои се залагаат претседателските кандидати и за нивните програми. Штабот на кандидатот Стево Пендаровски одржа состаноци со одговорните лица од националните телевизии, како и последователни состаноци со претставници од изборните штабови на претседателските кандидати, со цел да се надминат отворените прашања, да се премостат разликите, како и да се излезе пресрет за одредени поспецифични барања. Дебатите беше предвидено да се одржат на неутрален терен, а да бидат пренесувани од националните телевизии, како и на социјалните платформи. За жал, и покрај најдобрите намери во овој процес и соработката меѓу изборните штабови, политичките и медиумските околности во моментот не се одржливи за да се создадат услови за одржување на овие „мастер-дебати” – велат од Медија центарот на Пендаровски.

Од штабот на Пендаровски не откриваат за какви поспецифични барања станува збор штом станале непремостлива пречка за организација на мастер-дебата на сите претседателски кандидати.

Основа во програмата на Силјановска Давкова е – Македонија!

И претседателската кандидатка на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, Гордана Силјановска Давкова, ќе води позитивна кампања со повеќе митинзи.

– Ќе видам позитивна кампања, претставувајќи ги моите идеи за развој на земјата. Мојата програма е основа за Македонија повторно да биде горда на своите институции, проекти и реформи, европеизирана и модерна држава. Кампањата ќе почне од Скопје, на 4 април, ќе имаме митинзи и средби со граѓани, со невладини организации и преку трибини низ Македонија. Моите настапи, размисли и идеи веќе сега се достапни преку социјалните медиуми – на Фејсбук, Инстаграм, Тикток и Икс и Твитер. Ќе учествувам во дебатите, биле тие концепирани како една т.н. мастер или во друг формат – велат за „Слободен печат“ од Изборниот штаб на Силјановска Давкова.

Од претседателскиот кандидат на Европскиот фронт, Бујар Османи, не ни одговорија дали акцент во кампањата ќе бидат митинзите или директни средби со граѓаните. Османи во Скопје веќе ја одржа конвенцијата, на која се претстави како претседателски кандидат на ДУИ поддржан од коалицијата Европски фронт. Тој презентираше 10 поенти од програмата за претседател на државата. Ако се суди по конвенцијата, очекувањата се дека Османи ќе има големи митинзи во повеќе градови и дека ќе води таканаречена американска кампања, односно говорникот не е статичен зад бина, туку се движи на сцената и така комуницира со граѓаните и публиката. Ваков тип на кампања пред 10 години водеше Мендух Тачи во „добрите“ времиња на ДПА.

И претседателскиот кандидат на коалицијата „Вреди“, Арбен Таравари, ќе одржи неколку поголеми митинзи, а кампањата ќе ја почне од Скопје или од Тетово.

– Ќе одржуваме и трибини, дебати со невладини организации и голем акцент ќе ставиме на директни средби со граѓаните. Не сме многу фокусирани на социјалните мрежи, но на нив ќе поставуваме видеообраќања на Таравари, како и одговори на прашања на граѓаните. Конвенцијата на која Таравари ќе ја претстави програмата за претседател на државата ќе се одржи денеска, во хотелот „Холидеј ин“, во Скопје. Програмата ќе ја презентира на четири јазици – на албански, македонски, турски и на англиски јазик – велат од Изборниот штаб на Таравари.

Од Изборниот штаб на претседателскиот кандидат на ЗНАМ, Максим Димитриевски, велат дека кампањата ќе ја водат повеќе преку директни средби и собири со граѓаните.

– Димитриевски кампањата ќе ја почне од споменикот „Македониум“ во Крушево, каде ќе презентира дел од програмските определби како иден шеф на државата. Пред сè, ќе има активни средби со граѓаните, бидејќи имаме малку средства за платена политичка програма. Главни канали за комуникација ќе ни бидат и социјалните мрежи – велат од изборниот штаб на Димитриевски.

Кандидатката на Левица, Билјана Ванковска, во кампањата ќе претпочита директни средби со граѓаните и само неколку поголеми собири. Кампањата ќе ја почне од Струмица, а за програмските определби лично ќе одговара на граѓаните преку социјалните мрежи.

И претседателскиот кандидат на ГРОМ Стевчо Јакимовски во кампањата ќе ги користи социјалните мрежи за да им ја приближи програмата на граѓаните. Ќе одржи неколку помали собири и ќе има директни средби со граѓаните. Кампањата за претседател на државата Јакимовски ќе ја почне денеска, со конвенција во хотелот „Александар палас“ во Скопје.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот