Пари Сен Жермен EPA/RONALD WITTEK

Година кога „светците“ маршираа: Спортски моменти во 2025 што светот ќе ги памети

Пари Сен Жермен конечно ја освои толку посакуваната титула, онаа највредната, од Лигата на шампионите, но стигна само до финалето на проширеното Светско клупско првенство. Во индивидуалните спортови блескаа атлетичарот Дуплантис, тенисерите Синер и Алкараз, возачот Норис

Годината што измина ќе остане запаметена по повеќе спортски настани, натпреварувања и личности. Ова се неколку од највпечатливите, прикажани по случаен редослед, без хронологија или рангирање.

Деби триумф на ПСЖ во Лигата на шампионите

Пари Сен Жермен на Луис Енрике конечно го постигна успехот од соништата на „турнирот на богатите“ откако го победи Интер во големото финале во Минхен со 5-0. „Светците“ не само што целосно доминираа над „нераѕурите“, туку покажаа дека можат да доминираат во ЛШ и во годините што доаѓаат.

Со елиминирање на екипи како Ливерпул и Арсенал на патот до финалето на Алијанц арената, Енрике и неговите му покажаа на светот дека конечно на нив е редот да го кренат трофејот. Тие го направија тоа со стил, го освоија Интерконтиненталниот куп со победа над Фламенго во сезона во која Усман Дембеле беше прогласен за нов освојувач на Златната топка.

Челси победник на „новото“ Светско клупско првенство

Во текот на летото, некои од најдобрите играчи и тимови ја прескокнаа традиционалната пауза пред сезоната и наместо тоа учествуваа на историското Светско клупско првенство, кое првпат се одржа во САД, со дури 32 учесника.

И покрај многуте критики, меѓу кои и оние за интензивната жештина, нискиот интерес за турнирот и слично, тоа не ја помати радоста на Челси. „Сините“ го освоија трофејот по убедливата изведба во финалето против ПСЖ и победата од 3-0, не оставајќи никаква сомнеж за нивната супериорност.

Ново ниво на ривалството меѓу Алкараз и Синер

Тенисерите Карлос Алкараз и Јаник Синер водеа битка по битка во 2025 година и беа категорија за себе. Двајцата најдобри тенсиери ги поделија грен-слем титулите. Шпанецот триумфираше на Ролан Гарос и на САД Опен, а Италијанецот на Австралија опен и Вимблдон.

Три од тие четири финалиња беа меѓу нив. На крајот од календарската година, Синер беше посвеж и освои неколку титули, фрлајќи му ракавица на Алкараз, кој сепак успеа да го истисне својот голем ривал од врвот на машкиот тенис. Возбудлива 2026 година нè очекува со овие двајца, тоа е загарантирано.

Дуплантис ја победи земјината тежа

Сензационалниот натпреварувач во скок со стап, Швеѓанецот Арманд Дуплантис, блесна на Светското првенство во Токио, Јапонија. Тој ја освои светската титула со 6,15 метри, но потоа се обиде за нов светски рекорд и го направи тоа – 6,30 метри.

Европски спортист на годината, светски спортист на годината, Лауреус спортист на годината (вториот атлетичар што ја освои наградата по Усеин Болт). Ова е само дел од годината на Мондо, како што го нарекуваат неверојатниот Швеѓанец, кој остана непоразен во 16 натпревари и стана првиот спортист во скок со стап за мажи што помина две години без пораз.

Прв триумф за Ландо Норис во Формула 1

По исцрпувачката битка и разочарувањето во сезоната 2024, Британецот Ландо Норис овојпат го надмина притисокот и ја освои својата дебитантска титула во Формула 1, со што ја прекина серијата од четири титули на Макс Верстапен и го победи својот колега од Мекларен, Оскар Пјастри.

Норис имаше силна втора половина од сезоната, откако претходно беше зад Пјастри. Верстапен се созеде предоцна и неговиот напад на крајот не успеа да го доведе до петта светска титула во низа. Норис сега е возачот кон кого се насочени сите очи, а одбраната на неговата титула започнува со трка во Австралија на почетокот на март.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот