Главниот шведски епидемиолог: Бројот на новозаразени во Шведска рапидно опаѓа

Главниот шведски епидемиолог Андерс Тегнел на денешната прес-конференција откри дека бројот на новозаразени во Шведска рапидно опаѓа. Шведска е единствената земја во Европа која во март и април не воведе драстични мерки, поради што беше мета на бројни критики.

„Кривата се наведнува надоле. Генерално, ова е многу позитивна вест. Исто така се чини дека наскоро ќе можеме и понормално да патуваме“, рече Тегнел, додавајќи дека мерките за патување постепено ќе се релаксираат со тоа што прво ќе се овозможи да се патува во рамки на регионот, а потоа и во државите со ниски стапки на инфекција, помалку од 20 заразени на 100.000 население во период од две недели.

Тегнел го коментираше трендот на зголемување на бројот на нови случаи во Европа.

„За жал, го гледаме овој негативен тренд на зголемување на бројот на новозаразени низ цела Европа, лошо е што тоа се случува токму во овој момент, но во Шведска овој тренд не го гледаме“, заклучи тој.

Во вторникот во Шведска на интензивна нега или на респиратори имало само 46 пациенти со ковид-19, а вкупно во шведските болници од коронавирус се лекуваат 297 лица. На врвот на епидемијата кон крајот на април, на интензивна нега имало близу 600 лица, а вкупно во болниците околу 2.300, што претставува значителен пад.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот