Гласањето на пауза додека новинарка направи фотографии?!
Откако Здружението на новинарите на Македонија апелираше да се обезбеди почитување и непречена работа на медиумските работници на гласачките места, пријавени се нови случаи на попречување на новинарската работа за време на изборите на избирачките места. Денеска, на избирачкото место 2648 во Влае, општина Карпош, новинарката на Мета.мк, Антонија Јаневска, била спречена да фотографира за потребите на медиумот, со образложение дека немала акредитација издадена од ДИК.
Препорачано
Денеска, на избирачкото место 2648 во Влае, општина Карпош, новинарката на Мета.мк, Антонија Јаневска, беше спречена да фотографира за потребите на медиумот, со образложение дека немала акредитација издадена од ДИК. Откако на крајот било разјаснето дека нема потреба да се има акредитација од ДИК за да се снима/фотографира, туку само прес-легитимација од медиумот во кој новинарката работи, ѝ било дозволено да направи фотографии, но само од гласачките кутии и параваните, а не и од членовите на изборната комисија. Во времето кога таа фотографирала, гласањето било „паузирано“, односно на гласачите им било речено да почекаат за наводна заштита на личните податоци. Случајот не беше пријавен во ЗНМ, пишува „Мета“.
Освен овој случај, ЗНМ утринава примило неколку пријави од новинари за попречување на нивната работа.
Во Општина Карпош во избирачкото место 2626 на новинарката Елида Зулбеари за малку не ѝ бил одземен мобилниот телефон и имало непристоен однос од страна на заменик-претседателот на изборната комисија при што имало и интервенција од МВР за што ЗНМ ќе побара одговорност од ДИК.
Исто така, во Охрид на изборното место 1270 на екипа од јавниот сервис ѝ бил оневозможен пристап во раните утрински часови со образложение дека покрај новинарската легитимација, треба да поседува и „акредитација од ДИК“. По реакција на колегите и интервенција на лице место, пристапот бил овозможен и работата продолжила.
Во Тетово, новинар бил попречен да земе изјави од страна на членови на избирачкиот одбор со упатување на „недостиг на акредитација“.
ЗНМ апелира до ДИК и МВР, итно да ги известат сите избирачки одбори и службени лица дека не е потребна акредитација од ДИК за новинарите, со цел да се избегнат нови недоразбирања во текот на денот. Ќе продолжиме да ги следиме случаите, да реагираме институционално и да информираме за исходите. Укажуваме дека за новинарите и медиумските работници во Македонија, освен новинарска легитимација од медиумот за кој новинарите известуваат, не е потребна посебна акредитација од ДИК за присуство и известување на избирачките места, посочуваат од Здружението на новинарите.
ЗНМ: Да се обезбеди почитување и непречена работа на медиумските работници на гласачките места


