Ѓубриња

Многу ѓубриња се насобраа. Едни фрлаат каде стигнат, други палат, на трети не им е гајле дали гори, иако се платени тоа да го спречат, четврти потпалуваат потпалувачи… Затоа сме меѓу најзагадените во Европа.

Во Македонија секое лето не гори само букова шума, гори и Буково. Буково е супстандардна дива депонија покрај Охрид, за која експертите назначени од Организацијата на Обединетите Нации уште во 2017 година побараа да се затвори најдоцна до крајот на 2020 година, со цел да се заштити природното и културно богатство на Охридскиот Регион.

За загрозувањето на привилегираниот статус од УНЕСКО за Охридскиот Регион е пишувано многупати од аспект на дивоградбите, но во случајот со Буково загрозени се и здравјето и животот на луѓето. На туризмот, пак, како основна гранка за преживување на локалното население, уште запалена дива депонија му беше куса како „вонпансионска понуда“ во втората по ред пандемиски катастрофална сезона.

Жариштето на загадувањето и заразите требаше да биде затворено уште пред повеќе од половина година, но не само што од Буково на градоначалниците им бучи во ушите, туку и решението за депонирање отпад не е ниту на повидок. Одговорноста околу контролата и одржувањето меѓу себе си ја префрлаат полицијата, локалната самоуправа и инспекторатот за животна средина додека собирачите на пластика и метал го „обработуваат“ овој нивни ресурс за егзистенција со подметнување пожари. Иако беше предвидено регионалната депонија во Дебрца да биде „собирниот центар“ за целиот Југозападен Регион, по протестите на локалното население против ваквата одлука, Владата пред две години се откажа од нејзината изградба.

За жал, уште долго ќе ни чади главата од палежите на ѓубрињата што никнуваат како буништа покрај урбаните населби. Во Македонија се бара чаре за дивите депонии преку изградба на регионални центри со изграден современ систем за управување со отпадот, односно со рециклирање и селектирање, но досега само депонијата Дрисла е завршена и има А-интегрирана дозвола за работа. Од предвидените проекти во неколку региони, финансиски поддржани и од странски амбасади, единствено тој за депонијата во атарот на село Мечкуевци, градоначалниците од 18 општини од Источниот и Североисточниот Регион донесоа одлука за формирање јавно претпријатие – меѓурегионална депонија, чие седиште ќе биде во Свети Николе. Левица, партија која мисли дека се однесува државнички, единствена од сите политички субјекти сега популистички собира поени пред локални избори со надеж дека ќе го урне и овој проект, иако досега немаше отпор кај локалното население.

Да беше само Левица потпалувач на страстите, ќе беше полесно, но каква е еко-свеста на одредени политички субјекти во земјава потврдува, додуша непотврдената приказна од состанок на една од најголемите македонски партии. Еден од креаторите на политиките и истакнат член, со долг стаж во партијата, предложил инстант-решение за победа на локалните избори. Анкетите покажувале дека нивниот сопартиец, кандидат за градоначалник, е со голем заостаток зад противкандидатот од другата политичка опција, кој истовремено и бил и „градски татко“. Требало нешто да се смисли набрзина за да се намали рејтингот на политичкиот противник, а притоа „акцијата“ да не чини многу пари и да е лесно спроведлива. „А што велите да ги собереме нашите локални поддржувачи и тие од коалицискиот партнер и да ги поттикнеме на локалната депонија да запалат стари автомобилски гуми што ќе им ги обезбедиме некако. Воздухот, кој и онака е загаден, уште повеќе ќе се загади, а потоа нашиот кандидат тоа ќе го искористи на прес-конференции за да го нападне градоначалиникот,“ ингениозно предложил досетливиот политичар. Не знам дали сопартијците го послушале овој „полиси-мејкер“, но и самата помисла на овој „макијавелист“ е згрозувачка.

Потврда дека оваа приказна не е далеку од вистината добиваме пред секои избори. Инспекторите за животна средина и годинава веќе имаат искуства со постојано палење депонии од „непознати сторители“. Тоа не значи дека „се успале“ редовните пиромани, но нарачаните „нероновци“ се разбудени како дел од невидливите партиски кампањи, а резултатот е „република во пламен“ од Буково до Визбегово, од Одри до Русино… Ако сакате и од Табановце до Гевгелија, односно од Дебар до Делчево. Вдолж и попреку.

Многу ѓубриња се насобраа. Едни фрлаат каде стигнат, други палат, на трети не им е гајле дали гори, иако се платени тоа да го спречат, четврти потпалуваат потпалувачи… Затоа сме меѓу најзагадените во Европа.

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот