Орце Ѓорѓиевски - Миро Кацаров / колаж: Слободен печат

Кацаров бил само „привремено решение“, вели Орце Ѓорѓиевски и најавува нов оглас за директор на Универзална

„Миро Кацаров е само привремено решение, а следната недела ќе биде распишан нов оглас за директор на Универзална сала“, најави скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски во изјава за „Курир“.

Ова доаѓа откако веста дека водителот Кацаров веќе е назначен за директор на институцијата која раководи со Универзална предизвика бура од негативни реакции.

Ѓорѓиевски сега открива дека за директор на Универзалната сала имало веќе распишан оглас, кој според градоначалникот не успеал, а Миро Кацаров веќе работел таму со години и тој бил поставен како привремен раководител додека не се распише нов оглас.

„Ние сме демократско општество и треба секогаш да го земеме предвид мислењето на граѓаните. Апсолутно јас секогаш застанувам на местото на граѓаните. Кога станува збор за тоа кадровско решение, јас морам да истакнам во јавноста, лицето Миро Кацаров е вработено во таа институција со години наназад. На директорот кој претходно беше на таа позиција му заврши мандатот и ние моравме да ставиме таму вршител на должност директор. Лице кое ќе ја извршува должноста додека да спроведеме нов оглас. Зошто? Затоа што првиот оглас пропадна. Ние имавме еден оглас таму кој го спроведовме, дали немаше доволно интерес во јавноста, можеби и недоволно јавен беше процесот, но доведе до тоа да пропадне огласот и не можев јас таа институција да ја оставам вработените да немаат плата“, рече градоначалникот.

Ѓорѓиевски го најави новиот јавен оглас.

„Следната недела ќе се распише нов оглас. Повикувам јавно сите заинтересирани кои ги исполнуваат условите да аплицираат“, порача Ѓорѓиевски.

ВИДЕО | Новиот директор на Универзална, Кацаров, го објаснува својот темперамент

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот