Ѓорѓиев: Висок претставник на МНР нудеше неприфатливо решение за Цар Самуил

Ванчо Ѓорѓиев во гостување на ТВ Сител / 9 ноември 2021 / фото: ТВ Сител/принтскрин

Историчарот Ванчо Ѓорѓиев во гостување на ТВ Сител откри, како што рече, детали од последната средба на состанокот на заедничката историската комисија со Бугарија, кога тој изјави дека се повлекува од работата на комисијата поради политички притисоци.

Тој вели дека на таа средба „висок претставник на МНР понудил идеи за решение за Цар Самоил кое ги асполвира погледите и ставовите на бугарската историографија и притоа се занемаруваат ставовите на македонската историографија“.

– Темата за која разговаравме беше Цар Самоил. Белешките кои ги разменувавме отстапуваа од сето она кое досега е разговарано, а предлог-идеите кои беа понудени од високиот функционер на МНР се разликуваат од она што е дискусија водена цела година по тоа прашање. Ги асполвира погледите и ставовите на бугарската историографија и притоа се занемаруваат ставовите на македонската историографија. За моето тврдење постои документација, записниците, а приказната и темата за која говориме е тема долга повеќе од една година, еден ден јавноста ќе види кој какви ставови застапувал, рече Ѓорѓиев.

Тој потенцира дека „еден ден тоа ќе го покажат архивите“.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи вчера за „Слободен печат“ изјави дека Ѓорѓиев не ја поднел формално оставката од членството во Мешовитата комисија, а министерот одлучил да се раскине договорот.

– За сите идеи кои ги разменуваме и одлучиме тоа да е став на македонската страна се одлучуваше колективно, а во случајот немаше таков консензус членовите на комисијата имаа две забелешки, рече Ѓорѓиев во гостувањето на Сител.

Тој ги повика другите членови на комисијата „да не виткаат кичма“ и побара политиката да се тргне настрана од комисијата, бидејќи има сериозни политички притисоци, особено од бугарска страна.

Видео на денот