Гинеколог им помага на жените од Египет на евтин начин да ја докажат невиноста: „Така спасувам животи“

Жени од Египет
Египет ја има најголемата христијанска заедница на Блискиот Исток Фото EPA-EFE/Mohamed Hossam

Гинеколог кој нуди операции за реконструкција на химен на жените во рурален Египет вели дека на овој начин спасува животи, иако дискретно ги рекламира своите процедури како услуга за „здравје и убавина“.

Во општествата како што е Египет, „непроменетиот“ химен е важна потврда за невиноста. Уништениот химен на жената може да доведе до непријатност во нејзиното семејството. Во најлошите случаи, може да поттикне таканаречени убиства за чест кои обично ги вршат роднините на жртвите.

„Ова е наша медицинска должност – да ги заштитиме девојчињата од убиства и социјалната стигма на која се изложени поради хименот“, вели гинекологот Лејла, која користела псевдоним за да може слободно да зборува за својата работа.

Хируршката поправка или реконструкција на хименот – позната како хименопластика – е легална во Египет, но за повеќето е недостапна, чини до 20.000 египетски фунти (речиси 70.000 денари), приближно двапати од просечната месечна плата.

Тежок пристап до ваквите услуги

За жените во руралните области како што е Горен Египет, каде што ставовите се обично ултра-конзервативни, пристапот до процедурата е уште потежок.

Здравствените услуги се ограничени и малку жени имаат средства да платат за операцијата. Лејла редовно патува во далечните египетски провинции за да изврши хименопластика за околу една третина од вообичаената цена.

„На мојата (Фејсбук) страница, објавувам дека одам во одредена провинција на одреден ден… луѓето закажуваат термин, а јас правам операции во нивниот дом. Има девојки кои не можат да најдат лекари во Горен Египет, и многу е тешко да се зборува на оваа тема или да се подигне свеста таму, бидејќи тоа е многу конзервативно општество“, рече таа.

Во последните девет години, вели таа, извршила околу 1.500 операции, од кои околу една третина ги направила бесплатно за особено ранливите жени.

Египетското Министерство за здравство и Националниот совет за жени, кои немаат податоци за хименопластика или убиства за чест, одбија да коментираат.

Групите за човекови права велат дека илјадници жени и девојчиња се убиваат секоја година на Блискиот Исток и Јужна Азија од страна на членовите на семејството лути поради вооченото прекршување на нивната „чест“, пишува Ројтерс.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот