Гевгелија: Болницата ѝ платила државна специјализација за анестезија пред да дипломира, а сега мака мачи да си ги врати 120-те илјади евра
„Слободен печат“ пред една година откри случај во болницата во Гевгелија, каде во 2016 година студентка по медицина била вработена како да е „дипломирана докторка“ иако приложила фалсификувана диплома од Медицинскиот факултет и немала лиценца од Лекарската комора.
Препорачано

Подоцна, болницата на оваа личност која била запишана на Медицинскиот факултет, но го немала довршено, ѝ платила и државна специјализација за една од најтешките, најкомплексните, најризичните области – анестезиологија и интензивно лекување. Така, таа успеала да специјализира пред да дипломира, на сметка на гевгелиската болница, која за специјализацијата платила 120 илјади евра од буџетот доделен од државата.
Јавното обвинителство по текстот на „Слободен печат“ покрена обвинение против докторката. Судскиот процес е во напредна фаза и веќе се изведуваат докази, се повикуваат раководни лица од гевгелиската болница.
Обвинителството ја товари А.А. за фалсификување исправа – дека на 22.09.2016 година откако претходно изготвила лажни јавни исправи – уверение за дипломирање од 15.09.2015 година наводно издадено од Медицинскиот факултет во Скопје и уверение за положен стручен испит наводно издадено од Лекарската комора на Македонија, ги употребила како вистински доставувајќи ги во прилог на пријавата на објавениот оглас за вработување во болницата во Гевгелија.
Потоа, според обвинителниот предлог, лажните документи ги приложила и за да се пријави на огласот за запишување специјализација на гранката анестезиологија и интензивно лекување. Докторката во меѓувреме навистина дипломирала на Медицинскиот факултет, но не во 2015 година, како што стоело во фалсификатите со кои „напредувала“ во својата кариера, туку дури во 2023 година.
Специјалистичкиот стаж на докторката ѝ беше укинат, исто како и уверението за положен специјалистички испит.
Фактот што недипломирана таа била дел од турнусите за специјализација, работела во операционите сали и салите за породување врз вистински пациенти во најтешка состојба, иако под супервизија, не е дел од обвинението.

Директорот на Општата болница Гевгелија, доктор Патрик Матх, за „Слободен печат“ потврдува дека парите кои што болницата ги одвоила за специјализацијата на А.А. таа се согласила да ги врати. Но, во последно време според Матх, враќањето на средствата не оди со предвидената динамика.
Д-р Матх за „Слободен печат“ вели дека А.А. е веќе тужена од болницата за да почне да ѝ се одбива месечен износ од сметката додека да ги доплати сите пари што ѝ биле уплатени за специјализацијата во износ од 118 илјади евра.
-Досега има вратено 28 илјади евра и 40 илјади денари. Затоа адвокатот на болницата покрена тужба за да ѝ се одбива месечен износ од 30 проценти од плата, независно од спорот што го почна Обвинителството, ни рече доктор Матх.
Во Гевгелиската болница состојбата со анестезиолозите во 2016 година беше алармантно лоша и потребни беа нови кадри. Причината беше тоа што двајца од нив починаа додека беа под истрага за смртта на родилката Маја Кадиева и нејзиното бебе. Кадиева почина при породување поради неуспешно воведување под анестезија. Кај двајцата анестезиолози беше констатирано присуство на алкохол во крвта.
Токму во тој период, планот на А.А. да стане анестезиолог надвор од процедурите успеа, но за кратко, а впечатокот дека болницата во нејзиниот случај вложувала во празно, останува. Долгогодишни лекари неофицијално коментираат дека е спорно доктор кој де факто бил само општ лекар, да воведува пациенти под анестезија во медицинските интервенции, дури и под супервизија на специјалист анестезиолог.


