Германските католички свештеници сакаат да се женат – изгласаа да се укине целибатот
Делегатите на Синодалниот совет кој расправаше за реформи на Католичката црква со големо мнозинство гласови го усвои во четвртокот текстот со кој се бара ублажување на условите за свештениците, јавуваат медиумите.
Препорачано
За заклучокот гласале 179 делегати, а само 26 биле против или воздржани. Реформите ги поддржале и речиси 90 отсто од бискупите, односно 44.
Врз основа на овој заклучок, од поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск, ќе се бара да испита дали е можно да биде укината обврската за целибатот за свештениците. Во исто време, Синодалниот совет изразил разбирање за целибатот како начин на живот. Во дискусијата, калуѓерката од Бенедиктинскиот ред Филипа Рат, која е претставничка на црковните редови, говорела за „исполнувањето“ коешто многу религиозни луѓе го пронаоѓале во таквиот начин на живот.
„Не живееме сами, туку во заедница“, рекла Рат.
Повеќе делегати се осврнале на проблемот со свештениците кои живеат двоен живот поради тајните врски. Еден претставник рекол дека сака „поштедување од таквата судбина младите луѓе кои се чувствуваат повикани на свештеничкото звање“.
„Губиме премногу луѓе“, предупредил хамбуршкиот надбискуп Штефан Хесе.


