Герасимовски: Новата зграда на Општина Центар ќе биде готова до 2029 година
Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски соопшти дека очекува новата зграда на општината ќе биде завршена до крајот на 2029 година.
Препорачано
„Оптимист сум дека рокот зацртан во програмата ќе го зачуваме. Имаме идејни решенија од конкурсот. Откупивме три најдобри трудови, избрани од комисија составена од внатрешни и надворешни експерти, професори од градежниот и архитектонскиот факултет. Во моментов се изработува главниот проект и планираме тој да биде готов до февруари–март. Потоа следат околу три месеци за подготовка на документацијата и распишување јавна набавка за изградбата,“ вели Герасимовски во интервју за Рацин.
Во однос на идниот изглед, тој сподели дека зградата ќе биде пообемна, со простории за невладините организации, настани и културни програми кои ќе се користат бесплатно, како и три нивоа за подземен паркинг.
„Сакаме да изградиме стаклена граѓанско-административна зграда, отворена, транспарентна, каде што граѓаните ќе имаат учество и увид во сето тоа што го работиме заедно. Ќе има и простории што ќе можат да ги користат невладините организации, бесплатно, за настани и културни програми што се одржуваат на територијата на Општина Центар. Предвидени се и три нивоа подземно паркирање, со што ќе го решиме делот со паркирањето во Дебар Маало,“ рече Герасимовски.
Тој објасни дека зградата нема да има повеќе од пет ката, а на предвидената парцела има простор за две згради.
„Во самата парцела има можност за градба на две згради. За разлика од минатото, кога се планираа десеткатници, идејата на граѓаните и мојата е новата зграда да биде значително пониска, усогласена со околината, не повисока од пет ката. Вработените ќе имаат подобри услови за работа, но ќе се обезбеди и простор наменет за граѓаните и граѓанскиот сектор,“ посочи градоначалникот.


