Ѓеоргиева ја оживеа хероината Супер Текстилка

Храбра, одлучна и без страв од газдите на текстилните конфекции. Со својот магичен костим веднаш реагира на дојавите за кршење на правата на текстилните работнички. Ова е новата хероина на текстилните и кожарските работници, наречена Супер Текстилка. Ликот на хероината на работничките од овие индустрии живее во првиот стрип на 24-годишната Теодора Ѓеоргиева.

Апсолвентката на Ликовната академија при Универзитетот „Гоце Делчев” – Штип за МИА вели дека ликот во нејзиниот прв стрип е суперхероина, која има задача да ги охрабрува текстилните работнички, но и да бидат посолидарни и конечно да се борат за своите работнички права.

– Како ја замислувам, па тоа го изразив со тоа што ја нацртав. Мора да е силна жена, храбра и цело време им зборува на работничките и тие да бидат сплотени и да го кренат својот глас. Таа е млада и силна и за разлика од шивачките, нема брчки, не е подгрбавена, нема болки во рацете и грбот, бидејќи постојано шие. Едноставно таа е суперхероина – вели Ѓеоргиева.

Инспирацијата за Супер Текстилката ја добила од Кристина Ампева од „Гласен текстилец” – Штип, за која вели дека е постојано во движење и е во контакт со обесправените работнички.

– Идејата за стрипот доаѓа од Денис Ампев и сето тоа заедно го споивме и на крајот ни излезе Супер Текстилка. Првпат се соочив со оваа форма и сè што ме интересираше околу техниката најдов на интернет, не барав помош од некој друг – рече Ѓеоргиева.

Живее во градот што го нарекуваат македонскиот Манчестер, има постојани контакти со работници кои работат во текстилниот и кожарскиот сектор. Родители на нејзини другарки, но и блиски роднини, работат во овој сектор. Смета дека последните години работниците почнуваат јавно да говорат за условите во кои работат, исплатата на платите, прекувремената работа. Теодора забележува дека сè уште поголем дел отворено не говорат и имаат страв од своите сопственици и од јавноста. Но, како што вели, истата болка ја имаат и младите, а одговорот за нивниот третман од стопанството и институциите го даваат на сосема друг начин, заминувајќи во странство.

– Јас знам многу млади луѓе на моја возраст кои се во странство, а не тука. Да, тоа е нивниот одговор: „Фала ви и пријатно”, во буквална смисла на зборот – потенцира Ѓеоргиева.

Таа заедно со група студенти од Ликовната академија веќе трета година е вклучена во проектот „Текстилијада”, кој, покрај дебатите, има и културни настани на кои се промовираат нивните трудови на оваа тема, а и на текстилните работнички.

Авторката на суперхероината Супер Текстилка смета дека засега ѝ е важно да дипломира. Нејзин став е дека како слободен уметник тешко може да просперира во земјава, тоа едноставно, како што вели, може да ѝ биде хоби.

– Можеби патот ќе ме одведе во образование, но тоа е под знак прашање, ако успеам да влезам. Ликовната уметност порано повеќе се вреднувала, сега е потешко поради стандардот на граѓаните. Повеќе ми лежи графиката отколку да работам со бои. Преовладуваат луѓето, природата – рече Ѓеоргиева.

На почетокот на студиите во групата биле 17 студенти, сега се седум. Задоволна е од професорите кои работат со нив и ги воведуваат во техниките на ликовната уметност.

– Имаме двајца професори од Русија и навистина се предобри, се трудат да покажат, научат, да нè истерат на прав пат. Презадоволна сум од нив и од нашата професорка Ана. Во глобала сме задоволни од наставниот кадар. Имав и можност преку програмата „Еразмус плус” да одам на пракса во Хрватска, и тоа во музеј. Разликата е голема, а искуството значајно за мене – вели Ѓеоргиева.

Смета дека во Штип има културни настани, но младите, како што вели таа, не се информирани.

Третата „Текстилијада” остави белег со првиот стрип за суперхероината Супер Текстилка и поставувањето на уметничката инсталација „Игла”, со што текстилните работнички го добија и својот прв споменик. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот