Генерален штрајк во Србија, протестна прошетка во Нови Сад, студентите во Белград излегоа пред Градската управа
Студентите во блокади денеска повикаа на генерален штрајк во Србија, а беа поддржани од проширената ректорска управа на Универзитетот во Белград, адвокатската комора и неколку различни синдикати, здруженија и иницијативи.
Препорачано
Во објавите на социјалните мрежи, студентите во блокадите ги повикуваат граѓаните „да ги запрат луѓето околу вас“, да излезат надвор, да не трошат пари и да не одат на работа.
Им препорачаа да земат слободен ден од работа или боледување и да ги поканат колегите да им се придружат. Ги повикаа и да не одат во кафулиња и ресторани, да не пазаруваат во супермаркети, да не посетуваат кина и театри…
„Ова не е само протест, ова е борба за одговорност, правда и иднина…“, изјавија претходно студентите кои го организираа првиот генерален штрајк на 24 јануари.
Генерален штрајк свикаа и бројни средношколци, кои за денеска најавија протестна прошетка „по трасата на двојка“ во Белград, која ќе почне кај Славија во 15 часот и 30 минути, а ќе заврши таму.
Проширената ректорска управа на Универзитетот во Белград ги повика вработените во институциите членки на Универзитетот да ги поддржат студентите со прекин на работата во текот на денот, се наведува на веб-страницата на Универзитетот.
Адвокатските комори во Белград, Крагуевац, Ниш и Војводина одлучија нивните членови да ја прекинат работата, односно адвокатите да не постапуваат пред судови, обвинителства, полиција… освен во посебни случаи.
Студентите кои ги блокираат факултетите на Универзитетот во Нови Сад најавија обиколка на 13 јавни претпријатија и институции. Како што е најавено, ќе им се придружат средношколци, просветни работници, граѓани. Тие ги повикаа граѓаните да им се приклучат и на протестот закажан за 15 март.


