Газди на ноќните клубови им се закануваат на пазарните инспектори, дел од угостителите бараат санкции за оние кои ги кршат протоколите

Ние не можеме да ги казнуваме граѓаните кои не носат маски, тоа треба да го прави полицијата, а таа пак не доаѓа секогаш со нас на интервенции, велат од Државниот пазарен инспекторат.

Во поголем број од земјите од соседството од страна на државните власти затворени за работа се ноќните клубови, се со цел да се спречи масовно ширење на вирусот и зголеување на бројот на заразени.  И во Македонија пак забраната за работа на ноќните клубови е активна. Но, како што е веќе познато, два локали (од Струмица и Прилеп) го привлекоа вниманието на јавноста и на надлежните инспекторати со тоа што ја прекршија забраната за работа, организираа големи забави и тоа во ек кога коронакризата руши неславни рекорди.

Ноќниот клуб „Аватар“ кој се наоѓа во Струмица воопшто не смеел да работи бидејќи е регистриран како ноќен клуб. Овој тип на објекти засега немаат дозвола за работа, туку само кафулињата и рестораните.

КАКО ДА НЕМА КОРОНА: Стотици лица без маски се журкаа во ноќен клуб во Струмица (ВИДЕО)

После големата петочна забава во „Аватар“, слична „слика“ можеше да се забележи и во Прилеп. Прилепскиот клуб „Калипсо“ според сликите кои беа објавени на социјалните мрежи бил преполн. Заедничко за двете забави е имало голем број на посеттели, лицата не носеле заштитни маски, а не се одржувало ниту социјална дистанца. Државниот пазарен инспекторат имал пријава и за клуб во Виница, каде што по инспекцијата е прекината забавата.

Директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски за петочната контрола на клубот „Аватар“ во Струмица, најави дека ќе поднесена кривична пријава до Јавното обвинителство поради непочитување на здравствени прописи за време на епидемијата на ковид-19.

– Овој локал е регистриран како ноќен клуб, а дозвола за работа на ноќни клубови нема. Затоа тие не смееле воопшто да работат. Не можат да работат како кафуле бидејќи немаат таква дозвола. Исто така, соодветна санкција за сопственикот на клубот ќе има и поради тоа што не се почитувале мерките односно присустните не носеле маски, а имало околу 600 гости. Граѓаните немаат свест. Нашите инспектори постојано се под притисоци и закани. Во Струмица праќаме инспектори од Скопје, оти на тамошните им се закануваат газдите на клубовите. Така е и во другите градови. Ние не можеме да ги казнуваме граѓаните кои не носат маски, тоа треба да го прави полицијата, а таа пак не доаѓа секогаш со нас на интервенции. Затоа, веднаш ќе ги затвораме сите објекти каде ќе бидат констатирани неправилности – додава Пауновски.

Со реакција во врска со работата на овие ноќни клубови, се јавија и од Независната угостителска комора (НУК) од каде потенцираат дека „изминатите денови сведоци сме на т.н. масовно непочитување на Протоколите за работа на угостителски објекти на дел од угостители и угостителски објекти во повеќе градови на Македонија“.

„Фактот дека и по разни извршени инспекциски надзори и контроли истите угостителски објекти и понатаму продолжуваат да работат прекршувајќи и непочитувајќи ги во целост сите Протоколи за работа на угостителски објекти со што го доведуваат и загрозуваат целосно здравјето на угостителските работници, како и јавното здравје на сите граѓани и гости со што во целост ја загрозуваат и деградираат егзистенцијата на угостителската индустрија.

Апелираме на Владата и сите инспекторати за овие угостители и угостителски објекти не само да поднесуваат Кривични пријави туку да применат поригорозни мерки, максимално да ги санкционираат и во целост да се забранат со вршење на дејноста.

Очекуваме директорот на ДПИ Стојко Пауновски да ги одржи своите зборови да издаде решенија и да ги затвори и пломбира овие угостителски објекти и јавно да ги објави имињата на угостителите-сопственици и угостителски објекти кои не ги почитуваат Протоколите за работа и вршат дејност целосно во спротивност со пропишаните здравствени протоколи.

НУК ги повикува Здружението на естрадни уметници и сите диџеи, естрадни уметници и музички групи да не дозволуваат да бидат користени нивните имиња како носители и причинители за организирање на разни прослави, настани и забави и да не настапуваат на места каде угостителските објекти немаат лиценци за работа, односно во угостителски објекти каде не се почитуваат соодветните протоколи за работа.

Очекуваме од ДПИ да ги санкционира и сите музички групи, диџеи и естрадни уметници кои допринесуваат и се носители со своето учество да бидат организирани разни настани и забави каде не се почитуваат протоколите на работа и истите да бидат подеднакво санкционирани како и угостителските објекти, а нивните имиња да бидат јавно објавени.

Апелираме и очекуваме од останатите институции и МВР да ги евидентираат и сите гости кои допринесуваат за прекршување на Протоколите за работа да бидат соодветно санкционирани и веднаш бидат упатени во државен карантин или самоизолација“, се вели во соопштението на НУК.

Оттаму додаваат дека во целост се оградуваат од сите угостителски објекти кои „заради лични профити ја користат моменталната ситуација и организираат разни веселби, свадби, настани и прослави притоа кршејќи ги во целост сите важечки Протоколи за работа и загрозувајќи го здравјето на угостителските работници и јавното здравје на сите граѓани“.

Oд досегашните обиколки низ кафулиња и ресторани во земјава инспекторите подготвиле 40 кривични пријави поради непочитување на мерките и протоколите за заштита. Со владината уредба од 25 мај е одлучено само да се отворат угостителските објекти, не и ноќните локали. Пред речиси три недели, Комисијата за заразни болести дозволи да се организираат музички настани, но под строги протоколи. Според тие прописи, во објектите треба да бидат преполовени со гости, а картите да се издаваат електронски наместо да се прават гужви на влез.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот