Газа на работ на бездна: Израелците спремни за копнена операција, Палестинците немаат каде да се засолнат

Фото: Твитер

Израел објави дека во секој час копнените сили може да упаднат во Газа, а Палестинските цивили всушност и немаат каде да избегаат, зашто појасот е под целосна опсада, ни коридорот за евакуација воопшто не е безбеден

Наспроти повиците да ја запрат опсадата на Газа и да дозволат евакуација и доставување хуманитарна помош за близу 2 милиони Палестинци во појасот, израелските сили продолжија со бомбардирањето позиции на Хамас и објавија дека во секој час може да наредат упад на копнените сили, поддржан од борбени авиони и морнарицата.

Израел уште во четвртокот распореди десетици илјади војници и оклопни возила околу Газа, но не нареди копнен напад врз Хамас откако во саботата на пладне измина ултимативниот рок што им го постави на 1,1 милион цивили да се засолнат во јужниот дел на појасот, зашто северниот ќе биде бојно поле. Палестинските цивили всушност и немаат каде да избегаат, зашто појасот е под целосна опсада, ни коридорот за евакуација воопшто не е безбеден. Во саботата бомба погоди камион што префрлал цивили по патот „Салах ал-Дин“, при што загинале десетици луѓе, повеќето од нив деца. Не беше разјаснето дали бомбата ја исфрлиле израелските сили или Хамас, кој ги повика цивилите да не се повлекуваат и заедно да му се спротивстават на окупаторот.

Ситуацијата е критична и во јужните делови на Газа, кои наводно треба да бидат безбедни. На повеќе од 2 милиона луѓе Израел во средата им го запре доставувањето на струја, гориво, вода и храна, а не ги запре ни бомбардирањата, по стотина секој ден. Само во саботата загинале повеќе од 300 луѓе, па билансот на жртви на првата недела на војната надмина 2.300 загинати Палестинци, повеќе отколку во судирите во цела 2014 година, една од најкрвавите во Газа. Загинале повеќе од 700 деца. Речиси милион луѓе останале без домови или тргнале пеш, со запрежни коли и автомобили кон југ.

Наспроти критичната ситуација, останаа цврсто затворени челичните порти на Рафах, единствениот граничен премин од Газа на југ кон Египет. И во мирни услови тешко може да се помине низ овој премин, поради строгите контроли од Египет, Израел и од Хамас, а во изминатите седум дена тесниот коридор неколку пати бил гаѓан од израелските авиони. Не се отвораат портите ни на преминот за стоки, пред кој од египетска страна се создаде долга колона камиони полна со хуманирарна помош за цивилите.

Обединетите нации ја осудија како крајно нехумана израелската наредба за преселба на милион цивили на кои не им се доставува помош.

– Газа ја туркаат во бездна – изјави за Би-би-си претставник на мисијата на ОН во Газа.

Светската здравствена организација објави дека таа е „смртна пресуда“ за пациентите и за лекарите, кои немаат начин да се евакуираат. Само при бомбардирањата се ранети повеќе од 10.000 цивили. Израел потврди дека наредбата за евакуација важи и за болниците.
Израелците, пак, го споредуваат нападот на Хамас од минатата сабота со холокаустот што го спроведоа нацистите и со терористичкиот напад врз САД на 11 септември 2001 година. Ракетите и терористите на Хамас убија повеќе од 1.300 Израелци, а во Газа се префрлени близу 150 израелски заложници – војници и цивили. Токму нивното ослободување е целта на израелската операција, но и „целосно збришување на Хамас“.

И двете операции се крајно сложени и тешки, а израелското раководство нема голем простор за маневар. Извори од Вашингтон објавија дека копнената операција е одложена поради „лошите временски услови“, но мошне поверојатно е дека таа чека се додека Израел „не го заштити својот грб“ и не ги спречи проиранската група Хезболах во Либан, па дури и Сирија и Иран, да отворат втор фронт на северот.

Во таа насока се неколку „превентивни“ израелски напади, во кои се уништени комуникациски центри на Хезболах и аеродром кај Алепо во Сирија, но и одлуката на Вашингтон да испрати и втор носач на авиони со својата борбена група во медитеранските води покрај Израел. Оружјето и воената поддршка од САД што лично во Тел Авив ја ветија државниот секретар Ентони Блинкен и шефот на Пентагон Лојд Остин повеќе е за одвраќање на Либан, Сирија и Иран да го нападнат Израел.

На југот, пак, војската го стега обрачот околу Газа и ги засилува набљудувачките мисии со беспилотни летала. Копнената операција се очекува да биде долга и крвава, бидејќи во густонаселените средини и во мрежата од тунели долги 500 километри се губи огромната воена предност што ја имаат израелските сили, а токму во тунелите Хамас ги крие заложниците.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот