Гани: Наскоро ќе заврши процесот на ослободување на талибанските затвореници

Авганистанската Влада „наскоро” ќе го заврши процесот на ослободување на талибанските затвореници, важен предуслов за продолжување на мировниот процес со бунтовниците, изјави претседателот Ашраф Гани.

Врз основа на историскиот договор постигнат од страна на САД и талибанците кон крајот на февруари, Кабул ќе ослободи дури 5.000 бунтовници, кои за возврат ќе ослободат околу 1.000 припадници на авганистанските сили.

Тоа е предуслов за почеток на директни мировни преговори во кои учествуваат авганистанските власти и талибанците за првпат во скоро 19 години војна. Кабул веќе ослободи 3.000 талибанци, кои за возврат ослободија повеќе од 500 припадници на авганистанските безбедносни сили, изјави американскиот претставник Залмај Калилзад, кој повика на размена да продолжи.

– Моите колеги и јас решивме наскоро да ослободиме уште 2.000 затвореници. Наскоро ќе објавиме кога ќе биде тоа, рече Ашраф Гани на виртуелната конференција, организирана од двата институти во Вашингтон, Атланскиот совет и Американскиот институт за мир.

Меѓутоа, авганистанскиот претседател ги обвини талибанците за недостаток на транспарентност во однос на бројот на авганистанските трупи што се уште ги држат.

– Тој број постојано се менува. Треба да имаме точни информации за судбината на оние што се во нивни раце и гаранција дека ќе бидат ослободени сите, рече тој.

Портпаролот на талибанците Сухаил Шахин напиша на Твитер дека размената на затвореници во оваа фаза е „позитивна фаза” што значи „голем напредок”.

Меѓуавганистанските преговори „мора да започнат веднаш” по ослободувањето на затворениците, предупреди Халилзад на Твитер. Американскиот преговарач ја пофали изјавата на талибанците во која тврдат дека ќе учествуваат во тие преговори веднаш штом ќе заврши размената.

„Ние сме поблиску од кога било до целта, а тоа е да се организираат меѓуавганистански преговори”, додаде дипломатот.

Талибанците и Кабул го почитуваа тридневниот прекин на огнот минатиот месец и насилството генерално е во пад. 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот