Фотограф: Марко Маркоски

Галоски: „Го победивме канцерот“ – за првпат искрено во „RESET“ за тешкиот период со мајка си

Галоски, еден од нашите најпознати диџеи на домашната сцена, за првпат ја отвори душата кај Нина во поткастот „RESET“, каде што сподели работи за кои досега јавноста не била запознаена и откри кој му бил најтешкиот период од животот.

„Мајка ми се оперираше од канцер. Неколку месеци потоа, Бадник го доживеав со исклучена струја“, вели Галоски за „RESET“.

Тој период го памети како многу болен. Во тие моменти не гледал излез, сакал да се откаже, но тогаш ќе се сетел колку посакувал барем малку да имал моќ да може да го врати здравјето на мајка си. Кога само би знаел дека талентот бил одговорот на сѐ, не би поминал ни секунда грижејќи се.

Фотограф: Марко Маркоски

Токму тоа и го направил. Галоски одлучил да ја послуша својата интуиција. Силната верба дека неговиот талент ќе биде препознаен и дека повторно ќе ја види мајка си среќна го довеле до тоа да се најде на листата на луѓе кои биле промовирани од најголемите светски диџеи, како Авичи, Хардвел и Тиесто. Оттаму почнало сѐ. Но, како што вели и самиот, токму кога му се вратила насмевката, домашната сцена не му ги признава делата.

„Во 2015 година требаше да настапувам на фестивал во Македонија. Во истиот период, Авичи, тогаш најголемата ѕвезда во светот, правеше премиера на мое издание на Ибица. Недела потоа Хардвел на истото издание… Дечките кои го организираа фестивалот тука во Македонија беа како: ‘Што се мислиш ти, што ако Авичи ти пуштал музика?’“, вели тој.

Фотограф: Марко Маркоски

Коментарите го погодиле, но и покрај сѐ, не заборава зошто го прави сето ова. Во поткастот „RESET“ се сети на своите почетоци и како во тие моменти најмногу му помогнал диџеј Ицко од „Антена 5“.

„Кога имав 18 години, диџеј Ицко е првиот човек кој ме однесе на настап со мојот идол Тиесто. И тогаш правев музика, издавав за диџеи како Армин ван Бурен и Пол ван Дајк“, открива Галоски.

Фотограф: Марко Маркоски

Во поткастот „RESET“ често се опфаќа и темата за менталното здравје. Галоски на изглед е секогаш сталожен, насмеан и среќен, но никогаш не знаеме што се крие откако настапот ќе заврши.

„Мислам дека диџеите се потајно најосамени луѓе. Оние кои одат на интернационални турнеи. Интересно е што првата интернационална турнеја во мојот живот беше во Кина и ја поминав со нула долари во џеб, а си поминав најубаво. Мислам дека да имав пари тогаш со мене, немаше да поминам како тогаш. Сите следни илјада животи би го работел истото. Некако ја обожавам работава, ја милувам. Среќен сум“, вели Галоски.

Фотограф: Марко Маркоски

Работата не е единственото нешто за кое јавноста секогаш имала што да каже. Тој често носи очила за сонце и ретко го гледаме без нив. Нина не остана рамнодушна, па го праша дали очилата ги носи како моден аксесоар или има друга причина, на што одговори:

„Кога бев на турнеја во Кина, околу 2018 година, бев погоден со ласерски сноп блиску до очите и оттогаш тамошен доктор ми кажа да пробам со очила да одам по дискотеки и журки. Оттогаш не ги симнав“, вели тој за „RESET“.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот