ГАЛЕРИЈА | Симона Живковска, актерка со македонски корени го освојува Холивуд: Никогаш не откажувајте се од вашите соништа!

img alt
Фото: Симона Живковска / Приватна архива

Разговараме со Симона Живковска, актерка што живее и работи во Велика Британија, која деновиве ќе имаме чест и привилегија да ја гледаме во холивудската премиера „Црната вдовица“, рамо до рамо со Скарлет Јохансон. Симона е „микс“ на не така вообичаени корени: македонски и западноиндиски, од далечниот карипски остров Св. Мартин. Родена е во Скопје, во 1994 година, каде што живеела сѐ до 2001 година и одела на училиште во „Св. Кирил и Методиј“. Тогаш се преселува во Британија…

„Не сме многубројни, ние младите Македонци во актерската индустрија, и тоа треба да се промени! Имаме многу богата култура и безграничен талент меѓу нас, кој треба да биде издигнат на платформа. Знам дека е полесно да се каже отколку да се делува, но секој што го чита ова, го поттикнувам НИКОГАШ да не се откажува!“
Селењето може да биде интензивно, емоционално искуство. Кога се пресели во Велика Британија и како е да се расте во сосема различна држава?

– Јас, мојот помлад брат и нашата мајка се преселивме во Велика Британија во 2001 година. Растејќи во сосема друга земја беше навистина чуднo за така млада возраст. Пресреќна сум што имам силна и храбра мајка, која обезбедуваше сѐ за нас и се погрижи процесот да биде што е можно позабавен и да помине глатко – поради тоа, искуството беше малку полесно. Гледајќи наназад, сега како возрасна личност, ги гледам искушенијата и неволјите што таа ги искуси како мајка со две деца во странска земја.

Симона и нејзиниот брат Борис / Фото: Симона Живковска – Приватна архива

Изненадена сум од нејзината храброст и сила и таа е јадрото и главната основа од каде што ја добивам мојата инспирација и дисциплина, кога станува збор за мојот живот или работа. На 7-годишна возраст одењето на училиште во Велика Британија беше многу интересно во споредба со одење на училиште во Скопје. Знаев само да кажам две работи на англиски јазик, „отворете ја вратата“ и „затворете ја вратата“. Ми требаше време да го научам јазикот, а на моменти се сеќавам дека се криев под масите во училиште, како не би била приморана да зборувам на англиски со другите деца, затоа што не знаев како! Образовниот систем во Велика Британија беше многу различен од Македонија. Порелаксирано е. Меѓутоа секогаш се чувствував како црна овца, бидејќи како што беше многу очигледно, не сум Британка – не само поради изгледот, туку и поради името. Луѓето речиси секогаш прашуваа од каде сум и кога ќе дознаеја, само еден од петмина всушност знаеја каде е Македонија. Како и да е, јас секогаш бев горда на своите корени и тоа е затоа што мајка ми е највлијателната личност во мојот живот. Секогаш ќе ѝ бидам благодарна. Растејќи, таа секогаш нè учеше како да бидеме горди, бестрашни и независни. Мајка ми секогаш зборуваше на македонски јазик дома и многу ми е мило што всушност го правеше тоа. Живеењето во Велика Британија, додека дома владееше македонската традиција и култура, беше најдоброто нешто што можеше да ни се случи мене и на мојот брат. Тоа нè втемели и ни обезбеди да имаме голема благодарност кон животот што сме благословени да го живееме со можности на секој агол.

Борис и Спасенка Живковски, братот и мајката на Симона / Фото: Симона Живковска – Приватна архива
Која е првата личност што го препозна твојот потенцијал како актерка? Дали сонуваше за глумата како дете? Како помина твојата прва аудиција?

Првата личност што го препозна мојот потенцијал беше мојот учител по драма во училиште, кога имав 14 години. Никогаш не сонував да станам актерка бидејќи бев многу срамежливо и страшливо дете. Помислата да настапувам пред луѓе ми создаваше чувство на анксиозност. Еден ден мојот професор по драма ме замоли да се пријавам на аудицијата за училишната претстава. Улогата требаше да биде мала и мислев дека за да ја одглумам, ќе треба да стојам зад сите други соученици на сцената. Се сеќавам на денот кога беа избрани сите ученици за улогите. Имињата беа испишани на хартија што беше закачена на ѕидот во училницата – за малку ќе добиев паничен напад кога го здогледав моето име за главната улога. Веднаш помислив дека станува збор за грешка и отидов да проверам кај мојот учител. Тој ми потврди дека не е случајно што моето име е таму и ми рече дека сум способна за улогата и треба да бидам сигурна, бидејќи тој веруваше во мене. Се согласив и почнав да се подготвувам за претставата. Тоа беше најпредизвикувачкото искуство за срамежливо дете како мене, но своевремено, ме обземаше чувството на адреналин, кое ме правеше да се чувствувам толку добро за време на претставата и кога на крајот публиката ни ракоплескаше. Навистина открив „преку ноќ“ дека ми се допаѓа чувството на адреналин и сакав да глумам уште повеќе за повторно да се чувствувам така! Никогаш не помислував дека глумата би можела да биде мојата идна работа, ниту некогаш ми падна на памет дека тоа може да биде мојот пат до кариера. Ете толку не знаев ништо за тоа. Сè што знаев е дека уживав во глумата и сакав сѐ повеќе да го правам тоа. Неколку години подоцна, со моето семејство се преселивме од Лондон во Портсмут, заради помирен живот. Тука одлучив да студирам глума и кинематографија на Колеџот во Портсмут, кога соучениците ме советуваа дека треба да најдам агент. Не очекував дека нешто ќе излезе од тоа, но помислев дека треба да се обидам. Си отидов дома од колеџ и останав будна цели 12 часа, пребарувајќи го Гугл за агенции што би ме преземеле. Неколку недели подоцна добив повик од агент и оттаму ме поканија да отпатувам во Лондон на интервју. Мајка ми ме придружуваше, а по неколку часови јас веќе го имав мојот прв агент. Сите аудиции се одржуваа само во Лондон, така што знаев дека ќе морам да се преселам, но на 17-годишна возраст, без пари во џебот, тоа претставуваше голем ризик за мене. На почетокот не сакав да одам, но откако ја добив првата работа, мајка ми ме убеди да се преселам. Ми ги спакува куферите и ми рече да одам и да ги следам соништата, како и доколку некогаш ми треба нешто, таа веднаш ќе се качи на возот до Лондон. Не знам како ѝ успеа, но таа ми овозможи да најдам место за живеење и ми помогна во плаќањето на киријата. Доколку ја немав нејзината поддршка, немаше да бидам тука денес.

Спасенка Живковска, мајката на Симона / Фото: Симона Живковска – Приватна архива
На само 17 години ја играш главната улога во драмата на „Би-би-си“ наречена „Моето убиство“. Би сакала да споделиш нешто повеќе за ова искуство? Што значеше за тебе овој прв чекор во актерството?

– „Моето убиство“ всушност беше моја прва аудиција како професионална актерка. Бев нова на сцената и немав сознанија како функционира актерката индустрија. Процесот за аудицијата беше навистина „нaпнат“. Ја поминав првата аудиција и последовално уште 5 или 6 повици.

Постер за серијата „My murder“ / Фото: Симона Живковска – Приватна архива

Од продукцијата сакаа да бидат 100 отсто сигурни дека сум подготвена за така голема улога, со оглед на тоа што бев без искуство. Морав да поминам вокални тренинзи додека траеше процесот на аудицијата, што беа овозможени од продукцијата, што исто така ретко се случува. Вообичаено, или ја добиваш улогата, или не. „Моето убиство“ е вистинска приказна за Шакилус Таунсенд, младо момче од Јужен Лондон, кое се заљубува во погрешна девојка и следователно таа го убива.  Знаев дека приказната е многу важна, како и дека е навистина сензитивна тема за оние што го преживеале тоа трауматично искуство и сакав да бидам сигурна дека ќе доставиме проект што ќе биде одличен.

img alt
Симона Живковска и режисерот Реми Мосес / Фото: Симона Живковска – Приватна архива

Снимањето беше многу возбудливо! Целата екипа беше составена од многу млади луѓе, кои се забавуваа и раскажуваа приказна. Соработував со некои од најбитните имиња во актерската индустрија во моментов – Џон Бојега („Војна на ѕвездите“) и Малачи Кирби („Кунта Кинте“, „Мала секира“). Научив толку многу работи за време на снимањето и од актерите со кои работев. Знаев дека оваа шанса ќе ми ги отвори вратите во иднината кога станува збор за мојата кариера. Како што бев нова во сето тоа, актерите на сетот ме третираа како нивно мало бебе, ми помагаа. Се сеќавам како ми даваа сугестии за аудициите и совети, кои навистина ми помогнаа и ги користам и денес.

Симона и Малачи Кирби во „Devils SKY“ / Фото: Симона Живковска – Приватна архива
Во 2018 година пројавуваш желба за режирање и се запишуваш во филмското училиште МЕТ во Лондон. Тука се стекнуваш со знаења за продукција, режија, кинематографија, сценарио, монтажа, осветлување, звук и кастинг. Како резултат на тоа, продолжуваш да ги продуцираш, режираш и да ги пишуваш сите твои делови за изговорени зборови и визуелни содржини. Дали можеби режирањето е професијата на која сакаш да се посветиш во иднина?

Во иднина би сакала да режирам и да продуцирам мои филмови. Исто така, би сакала да продуцирам филм каде што ќе можам да зборувам за моите корени. Жена родена во Македонија, со карипски корени, што живее во Велика Британија.

img alt
Симона со братот Борис и мајката Спасенка / Фото: Симона Живковска – Приватна архива
Освен твојата актерска кариера, работиш и на други полиња: пишуваш поезија, се залагаш за ослободување од табу-темите, подигнување на свеста кај луѓето, љубовта кон самите себе и слично. Кое од овие нешта те исполнува најмногу?

– Се чувствувам најисполнето кога им помагам на луѓето околу мене. Дефинитивно се гледам себеси како му враќам на општеството на секој можен начин. Страствена сум за поддржување и насочување млади луѓе, тие се нашата иднина. Имам работено со многубројни компании поврзани со такви цели. „Future’s Theatre“ е една – каде што се среќавав со млади жени на возраст од 17-25 години, кои доживеале семејно и сексуално насилство во нивниот живот. Реализиравме серија сесии во кои заедно пишувавме и истражувавме на кои сѐ начини пишувањето и поезијата би можеле да им помогнат и да поттикнат љубов кон себе, како и заздравување од трауматичните искуства. Да се види насмевка или да се слушне по неколку месеци, години, дека моите зборови можеби оставиле позитивен впечаток во нивните животи е најисполнувачкото нешто за мене.

img alt
Фото: Симона Живковска – Приватна архива

Исто така, во минатото работев и во машки затвори. Еден проект на кој работев, вклучуваше помагање на младите мажи да развијат идеи и скрипти за филмови што тие би сакале да ги создадат во иднина, или приказни за кои тие би сакале да ја развијат свеста, или пак, да му ги раскажат на светот. Лично сметам дека сум родена во овој свет со цел – исто како и секој друг. Сакам да го живеам мојот живот наменски и колку што е можно поверно до Бога. Верувам дека љубезноста и отстапувањето на сопственото време може да направи многу, без да чини речиси ништо. Посветена сум да оставам позитивни отпечатоци каде и да одам и да ги инспирирам сите оние што сонуваат бидејќи навистина е возможно да се постигне сѐ што навистина се сака.

Симона на Spoken Word / Фото: Симона Живковска – Приватна архива
Полека, но сигурно, чекориш на „црвениот тепих“. Навистина сме возбудени што ќе имаме можност да те видиме во холивудската премиера на „Црната вдовица“, каде што ќе те слушнеме како зборуваш и на македонски јазик. Како ја доби улогата и како е да се снима за продукција, важна и голема како Марвел? Дали ова искуство те промени или ти помогна да научиш нови работи за себе?
Фото: Симона Живковска – Приватна архива

– И јас исто така сум многу возбудена за „Црната вдовица“ и навистина се надевам дека ќе ги направам горди сите што ме поддржуваат во ова патување. Оваа работа ја добив преку мојот прекрасен агент, со кого соработувам во последниве осум години и кој практично веќе стана фамилија, феноменалниот Џонатан Хал – „Идентити ејџенси груп“. Џонатан е фантастичен агент, не поради тоа што ми овозможува многу аудиции, туку бидејќи ми отстапува простор да соработувам со него, се сослушуваме, ме советува, секогаш имал верба во мене и продолжува да ме советува. Кога ја добив улогата, на почетокот не ми се веруваше дека навистина се случува, но истовремено, како и со секоја друга работа, време беше да се фокусирам и да ја оставам возбудата за подоцна. Речиси веднаш се приземјив и се подготвив за снимање, на кое ќе се сеќавам до крајот на мојот живот.

img alt
Фото: Симона Живковска – Приватна архива

Процесот на снимање беше неверојатно забавен. Како и со другите ангажмани, повторно сфатив дека секогаш учам нешто ново. Работењето на продукциски сет на Марвел, како што може да замислите, е многу исполнето и брзо се одвива. Има толку многу луѓе што се вклучени во процесот и навистина страствени за доставувањето производ што фановите ќе го сакаат. Сите неуморно работат за да се осигурат дека целта е постигната. Работењето на „Црната вдовица“ ми помогна да сфатам на какви улоги би сакала да работам во иднина. Можноста да се снима овој филм ми овозможи да патувам во различни држави, да го зборувам мојот мајчин јазик и да се запознам со навистина прекрасни луѓе. Навистина, станува збор за искуство што никогаш нема да го заборавам!

img alt
Фото: Симона Живковска – Приватна архива
Горда си на твоите македонски корени и на твојот инстаграм-профил најави дека во „Црната вдовица“ ќе те слушнеме како зборуваш на македонски јазик. Неколкупати изјави и дека се надеваш дека ќе ја направиш горда својата земја. Носталгична си за Македонија? Што ти недостасува најмногу? Кои спомени од животот во Македонија ќе ги раскажуваш во Холивуд?
Симона и нејзиниот брат Борис во Скопје / Фото: Симона Живковска – Приватна архива

– Носталгична сум за Македонија цело време. Ми недостасува фамилијата, храната и културата. Имам сеќавања од тоа како си играм со брат ми и како се качуваме на црешовите дрвја во Бразда. Понекогаш се прашувам каков би ми бил животот (доколку не се преселевме). Го пропуштивме растењето на братучедите и стареењето на баба ми и дедо ми. Којзнае каде би била денес. На слатко-горчлив начин, драго ми е што животот ми се одвива вака, бидејќи денес се чувствувам како да сум во подобра позиција да ги споделам моите приказни и да ја зголемам свесноста за Македонија.

Симона и нејзиниот дедо Симеон Велков во Македонија / Симона и нејзиниот брат Борис
Кога сме веќе на темава, дали планираш во некој момент да се вратиш во Македонија и повторно да живееш тука?

– Во идеален свет, би сакала да ја имам слободата и можноста да живеам во Македонија, а да работам во странство, ама не сум сигурна колку е сето тоа реално. Во секој случај, планирам да ја посетувам Македонија барем еднаш годишно кога ќе биде возможно. Но којзнае што носи иднината… мојот ум е отворен.

img alt
Фото: Симона Живковска – Приватна архива
Што би им порачала на младите македонски актери што го читаат ова интервју и мечтаат за успех во Холивуд?

 

– Не сме многубројни, ние младите Македонци во актерската индустрија, и тоа треба да се промени! Имаме многу богата култура и безграничен талент меѓу нас, кој треба да биде издигнат на платформа. Знам дека е полесно да се каже отколку да се делува, но секој што го чита ова, го поттикнувам НИКОГАШ да не се откажува! Мојот мал успех не се случи преку ноќ и се соочив со милион „НЕ“ и затворени врати пред некој да реши да верува во мене. Беше навистина тешко, но продолжив да се борам за она што го сакам. Работата е дека навистина треба дисциплина и храброст за да ја оствариш својата цел. Сепак, доколку се фокусираме на малите чекори за да стигнеме дотаму, ќе бидеме еден чекор поблизу. За оваа индустрија треба „дебела кожа“. Ќе се соочите со многу предизвици, трикот е да се има верба во талентот и она што го „доставуваш“ на масата. Ако го имаш тоа, можностите се бесконечни!

Фото: Симона Живковска – Приватна архива

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот