ГАЛЕРИЈА | Фудбалерите на Силекс го освоија Купот на Македонија
Денеска во финалниот натпревар во Купот на Македонија одигран на Арената „Тодор Проески“ во Скопје, фудбалерите на Силекс триумфираа со 1:0 против Шкендија.
Препорачано
Силекс подобро го почна мечот, и веќе во деветтата минута се закани преку Алиќ, кој што упати незгоден удар, но одбрани Гаје. Потоа, следуваше иницијатива на Шкендија и првата прилика преку Ндзенгуе со глава, Џеко успеа да избие во корнер, а во финишот прилика и за Красниќи кој за дел од секундата задоцни да упати удар кон голот на Џеков.
Вториот дел подобро го почна екипата на Шкендија, Трумчи беше во шанса и шутираше само над голот, а потоа Љатифи имаше одличен удар, меѓутоа Џеков со фантастична парада успеа да одбрани.

Стрелец на единствениот гол за победа и куп титула на клубот од Кратово беше босанскиот интернационалец Ади Алиќ во 71 минута од натпреварот.
Играчите на Јетон Беќири направија грешка на средината на теренот, фудбалерот на Силекс Дарко Додев ја украде топката и тргна во брза контра, успеа да му асистира на Алиќ, а овој ја затресе мрежата на голманот Бабукар Гаје.
Кратовци по четврти пат во клупската историја го освоија трофејот во ова натпреварување, а тетовските „црвено-црни“ остануваат досега на два куп пехари.

Силекс воедно се израмни со Работнички по бројот на освоени трофеи и се наоѓа на делба на третото место на вечната листа на најуспешни екипи во Купот.
Со овој триумф екипата на Силекс обезбеди и учество ова лето во квалификациите за Конференциската лига.
КУП НА МАКЕДОНИЈА, ФИНАЛЕ
СИЛЕКС – ШКЕНДИЈА 1-0 (0-0)
Национална Арена „Тодор Проески“ во Скопје. Гледачи: 5.000.
Судија: Игор Стојчевски.
Стрелци: Алиќ 71′
Ж. Картони: Тимовски, Пиреш, Ѓ.Џеков (С) – Алхасан, Трумчи, Зејнулаи, Мазари, Мељиќи (Ш).
СИЛЕКС: Љ.Џеков, Тимовски (83′ Димитриевски), Шуберт, Бутуровиќ, Ѓ. Џеков, Ефтимов (65′ Мирчевски), Донов, Додев (74′ Делимеѓац), Анѓелески, Пиреш, Алиќ (83′ Мишов).
Тренер: Александар Васоски.
ШКЕНДИЈА: Гаје, Трумчи, Фетаи, Ислами, Ајетовиќ (81′ Мазари), Алхасан (70′ Мељиќи), Зејнулаи (81′ Крстевски), Красниќи, Љатифи, Тамба (58′ Спахиу), Ндзенгуе.
Тренер: Јетон Беќири.















