Галаб Донев: Уставните измени во Македонија се внатрешен проблем, ама сакаме да бидеме во тек со процесот

Галаб Донев/ фото: Georgi Paleykov/NurPhoto / Shutterstock Editorial / Profimedia

Уставните измени се внатрешен проблем на секоја држава, а Бугарија не сака да се меша во внатрешните работи на Република Северна Македонија. Уставните измени и носење други закони секоја држава треба да ги решава согласно внатрешната практика, вели бугарскиот технички премиер Галаб Донев.

Во интервју за БТВ, тој изјави дека неправилна била интерпретацијата дека Бугарија сакала да учествуваме во тој процес и објаснува дека сакале да бидат во тек, односно да биле известени за текот на процесот.

Донев потсетува дека земјава презела обврска да ги вклучи Бугарите во Уставот подеднакво со сите останати наброени народи, и тоа не само во Пфреамбулата туку во членовите на Уставот, со што, како што рече, ќе им бидат гарантирани нивните права.

Според него, нормално е Република Северна Македонија да ја исполни преземената обврска, којашто не е само кон Бугарија, туку кон сите земји членки на ЕУ.

– Затоа што Република Северна Македонија, потпишувајќи го договорот за присоединување и отпочнување преговори со ЕУ, го потпиша тој договор со сите земји членки. И ако има информации кон други членки на ЕУ треба да има и за нас како се движи процесот – рече Донев.

На прашањето дали Бугарија треба да стави повторно вето на Северна Македонија за членство во ЕУ, Донев рече дека тоа не е најправилното решение, туку треба да се бара позитивен дијалог и начин за да се приближат позициите.

Притоа Донев го пренесе ставот дека со оглед дека Македонија има желба да стане членка на ЕУ, треба да ги почитува критериумите и принципите врз кои се темели Унијата, односно да има слобода на здружување, можност граѓаните слободно да се самоопределуваат дали се Бугари, Македонци, Абанци, како и да ги гарантира правата на сите.

Техничкиот министер за надворешни работи Николај Милков вчера за бугарските медиуми изјавил дека „процесот на промена на Уставот секако е внатрешна работа на Република Северна Македонија“, но, притоа нагласил дека „Бугарија нема да прифати никаква формулација со која на македонските Бугари ќе им се додели статус што на кој било начин е различен од оној од другите уставно признати делови од народите во Република Северна Македонија“.

Претходно, пак, како што објавија бугарските медиуми, кажал дека Бугарија би сакала да биде вклучена и консултирана во процесот за впишување на Бугарите во Уставот на Северна Македонија, на што македонското МНР истито ден експресно излезе со реакција, потенцирајќи дека процесот на уставни измени претставува внатрешно прашање на Северна Македонија.

Вчера и претседателот Стево Пендаровски и премиерот Димитар Ковачевски потенцираа дека уставните измени се внатрешно прашање на земјава.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот