Фрчат казни во Тетово, месечно „пајак службата“ подига над 300 возила, а сообраќајот и натаму хаотичен

Фото: Слободен печат

Во изминативе два и пол месеци на поширокото тетовско подрачје вкупно се изречени 1192 мерки за погрешно паркирање. Од „Пајак-службата“ вкупно биле подигнати 946 возила.

„Претежно станува збор за возила паркирани во таканаречени „двојни редови“, во зона на крстосници, на тротоари и на други недозволени места. На сите возачи-прекршители изготвени им се адекватни поднесоци и зависно од тоа каде ги паркирале возилата, тие ќе се соочат со парични глоби кои за овој вид сообраќаен прекршок се движат од 45 до 180 евра во денарска противвредност“, соопштија од СВР Тетово.

Оттаму велат дека и во наредниот период ќе продолжат со засилени контроли околу паркирањето, посебно во централното подрачје на Тетово, со цел да се овозможи непречено и безбедно одвивање на сообраќајот.

Но и покрај казните за непрописно паркирање и подигање на возилата во просек над 300 во текот на месецот, сообраќајот во Тетово и натаму е хаотичен. Се паркираат возила на тротоари, на јавни површини, а возила се оставаат и на самите улици, што го попречува нормалното движење на улиците, кои често се блокирани.

Тетовци велат дека сообраќајната култура е на многу ниско ниво, но и сликата на терен е таква со децении оти во градот нема доволно паркинг места.

„Гледаме општината се фали дека обезбедува повеќе паркинг места, но јас не видов да се изгради некоја катна гаража, да се пушти во употреба нов паркинг, туку промовира само постоечки места за паркирање каде и претходно сме се паркирале кои биле на диво, а сега се малку уредени и таму мора да се плати. Значи потребни се повеќе паркинг места. Ретко одам со возило во центарот на градот, но кога веќе морам, принуден сум да свртам неколку круга околу булеварот „Маршал Тито„ па да најдам место во рамки на зонското паркирање, а некогаш и не можам да најдам воопшто“, вели еден возач од Тетово.

Јавното претпријатие ЈП Градски паркинг Тетово располага со 764 паркинг места кои се во рамки на зонското паркирање и затворените паркинзи, а во градот според одредени проценки на СВР Тетово се движат и над 60.000 возила. На крајот од минатата година од Градски паркинг соопштија дека во април оваа година ќа започнат со градежните активности за изградба на катна гаража околу зелениот пазар во Тетово.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот