Француски клуч во бравата за влез во Унијата

Фото: МИА

Франција останува главен кочничар во процесот за интеграција на Македонија во Европската Унија, брифираат високи владини извори и додаваат дека во скоро време најверојатно нема да светне зеленото светло од Париз.

Дали навистина ќе биде така, ќе дознаеме вечерва откако ќе заврши Советот на министри во Луксембург на кој ќе се разговара и ќе се даде препорака за европската иднина на земјава.
Како што објаснуваат нашите соговорници, Франција наводно не била задоволна од преговарачкиот процес и бара најпрво да се воведат реформи во самата Унија, а дури подоцна да се размислува за нејзино проширување. Од друга страна, пак, брифираат изворите, финското претседателство ѝ понудило нов компромис на Франција, но и тој бил експресно одбиен.

Имено, предлогот на Финска бил преговорите со Македонија да почнат во почетокот на следната година, а за тоа време да се работи на „ремонтот“ на методологијата што го бара Франција. Но, според нашите соговорници, Париз и натаму не отстапува од својот став најпрво да се спроведат реформите, односно да се извршат промени во методологијата во која главната новина би била процесот на преговори да биде реверзибилен и тие да може да бидат сопрени доколку нема ефективно, опипливо и одржливо спроведување на реформите.

Во секој случај, ставот на францускиот претседател Емануел Макрон е изолиран, брифираат нашите соговорници, бидејќи пред само девет дена четворицата први луѓе на европските институции повикаа, во заедничко писмо, да почнат преговорите со Македонија и со Албанија.

Ова одбивање предизвикало незадоволство кај европските дипломати, кои го обвиниле Париз дека ја загрозува стабилноста на Балканот, за чија стабилност Париз официјално се залага. Исходот, според владините извори, во моментов е целосно неизвесен, но потенцираат дека буквално сите земји-членки на Унијата, со исклучок на Холандија, се спротивставиле на ставот на Франција и сметаат дека нашата земја заслужува да го добие долгоочекуваниот датум.

Премиерот Зоран Заев и натаму е оптимист и вели дека не сака ни да разговара за можноста Македонија да не добие датум за почеток на преговорите.

– Очекуваме дека ќе преовлада одговорноста од страна на ЕУ и дека ќе биде донесена долгоочекуваната одлука. По Советот на министри ќе ги знаеме чекорите, но на 17 и на 18 декември ќе бидат донесени конечните одлуки. Јас останувам оптимист. Франција не е против нас. Има легитимни намери, да вгради методологија со реверзибилни методи. Така што, ако земјата не ги задоволи условите од некои поглавја, да се врати назад – рече Заев.

И германскиот дипломат, државен секретар за европски прашања Михаел Рот предупредува дека повторното одбивање да почнат преговорите со Македонија и со Албанија ќе испрати катастрофални сигнали во регионот. Тој апелира до Франција и до другите скептични влади во ЕУ да се согласат на почеток на преговори.

– Ќе биде правилен сигнал доколку на 15 октомври во Луксембург дадеме зелено светло за почеток на пристапните преговори со Северна Македонија и со Албанија – истакна Рот.

Плевнелиев: Макрон греши!

Северна Македонија мора да ги почне преговорите со ЕУ, а францускиот претседател Емануел Макрон не треба да го блокира процесот, смета поранешниот бугарски претседател Росен Плевнелиев.
Во изјава за БГНЕС, Плевнелиев вели дека ЕУ треба да донесе одлука за старт на пристапните преговори и со Северна Македонија и со Албанија со што ќе го покаже својот кредибилитет и стабилизирачка улога на Балканот.
– Отсекогаш сум бил против кога некоја од земјите членки на ЕУ, како што е сега случајот со Франција, поради внатрешно-политички причини, ги блокира проширувањето на Унијата и заедничките проекти кои се од општ интерес. Сите знаеме колку е важно Северна Македонија и Албанија сега да добијат покана за почеток на преговори. Во момент кога има многу силен геополитички судир на Балканот, ЕУ мора да ја покаже својата сила и моќ – вели Плевнелиев.

Чешка, Полска, Словачка и Унгарија бараат од ЕУ да донесе смела одлука

Министрите за надворешни работи на Чешка, Полска, Словачка и Унгарија во отворено писмо објавено во Политико бараат ЕУ да даде датум за почеток на преговорите со Северна Македонија и со Албанија.
„Позитивната одлука ќе испрати јасен сигнал дека ЕУ ги препознава конкретните резултати во исполнувањето на поставените услови. Одлуката на Европската унија дали да започне преговори за пристапување со Северна Македонија и Албанија доаѓа во време кога се соочува со бројни предизвици“, констатираат министрите од четирите европски држави.

Половина од граѓаните не очекуваат датум

Безмалку половина од македонските граѓани не очекуваат земјава да добие датум за старт на преговорите идната недела, објави „Детектор“. Според анкетата што ја изработил Институтот за политички истражувања Скопје, 47,7 отсто од анкетираните граѓани истакнале дека не очекуваат датум за преговори овој октомври. Оптимисти биле 34,8 отсто кои сметаат дека идната недела Брисел ќе ѝ даде зелено светло на земјава, додека 17,5 отсто немале одговор.

Една четвртина од граѓаните или 24,6 отсто рекле дека ако не добиеме датум за старт на преговорите овој октомври тогаш тоа нема да се случи никогаш. 22,3 отсто очекуваат старт на преговорите во следните 5 години, 16,9 отсто мислат дека тоа ќе се случи до крајот на идната година, додека, пак, 16,7 отсто велат дека датумот за преговори ќе дојде следната пролет.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот