Фотографот Виктор Соколовски со изложбата „Поврзани“ ќе се претстави во КИЦ-Скопје
Изложба на фотографии од Виктор Соколовски со наслов „Поврзани“ на 5 мај, во 20 часот, ќе биде отворена во изложбениот салон „Империјал 2“ при Културно-информативниот центар – Скопје.
Препорачано
-
1
-
2
-
3
Авторот Виктор Соколовски е активен како фотограф од 2007 година, кога за првпат самостојно се претстави пред публиката во Скопје, во винoтеката „Темов“, со изложба од 200 фотографии – претежно портрети на музичари и посетители, создадени во тогаш култниот ноќен клуб.
Неговата работа се развива паралелно со ангажманот како фотограф-дописник за „SEECult“, еден од најреномираните портали за култура во регионот.
Во 2010 година изложува во Франција (Каен и Ифс) со фотографии од старата скопска чаршија. Во 2011 година на „Млад отворен театар“ се претставува со изложбата „Три“, составена од фотографии од три претстави одиграни во една вечер на различни сцени, а истата колекција подоцна е изложена и на фестивалот „Бош“ во Гевгелија.
Во 2021 година во Кинотека на Македонија ја претставува изложбата „Претстава“, која потоа е изложена и во Подгорица под покровителство на КИЦ-Подгорица и Амбасадата на РСМ, како и во 2022 година во НТ Битола, во рамките на фестивалот „Браќа Манаки“.
Во 2023 година во КИЦ – Скопје се претставува со изложбата „Украдени моменти“, составена од музички портрети, а „Поврзани (Connected)“ е негова десетта самостојна изложба.

– Соколовски е пасиониран љубител на музиката и со децении фотографира на Скопскиот џез-фестивал и слични музички и културни манифестации – искуство кое го научило да ги лови моментите во нивната најчиста форма. Токму таа школа на брзина, прецизност и интуиција сега доаѓа до полн израз: на своите претходни изложби, авторот веќе се претстави како комплетен фотограф – перфекционист, со храбро oкo за фатен момент и беспрекорна композиција. Тие квалитети тука доаѓаат до израз, затоа што двојната експозиција не проштава грешки – таа бара совршено усогласување на два света во еден кадар – истакнува фотографот Драги Неделчевски.


