ГАЛЕРИЈА | Центарот на Скопје нагрден со прикрпени дуќанчиња, ќе се воведе ли ред?
Двата плоштади во централното градско подрачје, плоштадите „Македонија“ и „Филип Втори“, иако се обновени и накитени со споменици и фонтани пред десетина години, со дополнителниот декор од разно-разни мобилни и монтажни продавнички и тезги, се далеку од тоа како би требало да изгледаат вакви простори во главен град.
Препорачано
Мобилните киосци, кои требаше да бидат унифицирани, сега се доградени со лимени магацинчиња од задната страна, кои веројатно продавачите си ги направиле без дозвола за да се заштитат од студ и ветар, но и да си ги складираат производите до другиот ден. Доградени се и сувенирниците, а во импровизирани објекти, вон сите стандарди се продаваат разни дребулии, па дури и храна.
Особено е грда сликата на плоштадот „Филип Втори“ и на платото пред влезот во Стара чаршија каде може да се види сѐ – дрвени куќарки прикрпени со најлони и картони, дотраени чадори за сонце отворени пред дуќанчињата, камперски масички кои служат како тезги за продажба, а кои вон „работно време“ се чуваат заврзани со синџири за дрвјата и клупите. И што уште не.
Со оглед на фактот дека токму овие простори се најпосетувани од туристите, крајно време е инспекциите да се фатат за работа и да се смени „панаѓурскиот“ изглед на центарот на градот.
Погледнете како изгледа просторот низ фотографиите на Методи Здравев.












