ФОТО/ВИДЕО: Во Струга ја урнале куќата на Владо Малески, авторот на македонската химна
Во Струга денес започнало уривање на куќата на познатиот поет и писател Владо Малески, автор на текстот на македонската химна „Денес над Македонија се раѓа“, јавуваат локалните медиуми. Објектот, кој со децении се смета за дел од културното наследство на градот, во попладневните часови бил делумно срушен, што предизвика бурни реакции кај јавноста и културните дејци.
Препорачано
Граѓаните на Струга на социјалните мрежи изразуваат револт и бараат одговорност за уништувањето на, како што го нарекуваат, „симболот на градот“.
Од Заводот за заштита на спомениците и културата и Музеј – Охрид информираат дека денес луѓе од нивната институција направиле увид на терен и констатирале дека рушењето на дел од спомен-куќата на Владо Малески било предизвикано од градежни работи, кои се вршеле на соседниот објект, на кој се интервенирало со градежна дозвола.
„Изготвен е записник кој ќе се достави до Управата за заштита на културно наследство во Скопје, по што ќе треба да се изготви проект за реконструкција на оштетениот дел од градбата. Во меѓувреме, инвеститорот на градежните работи на соседниот објект ќе треба да ја обезбеди локацијата за да не дојде до понатамошно оштетување на спомен-куќата на Владо Малески“, велат од институцијата.
Реакции стигнаа и од политичките партии. Јована Мојсоска од Левица на „Фејсбук“ напиша дека „ја срушија куќата на авторот на македонската химна, а една година ‘не можат’ да ја срушат дивоградбата во струшката чаршија“. Таа потсети дека токму во домот на Малески, на 23 септември 1941 година, народниот херој Кузман Јосифовски – Питу го одржал конститутивниот состанок на Месниот комитет на КПЈ за Струга и Струшко.


„Струга денес изгуби еден од најзначајните културни објекти и симболи на антифашистичката борба. Институциите се заробени, а градежната мафија станала господар на градот. Мора да има одговорност по име и презиме“, порача Мојсоска.
Реагираа и од Општинската организација на СДСМ во Струга, повикувајќи на итна истрага и казна за одговорните.
„Овој чин ја поткопува довербата во институциите и покажува дека има поединци кои се над законите. Наследството на Владо Малески е столб на нашата култура и идентитет. Бараме правда и заштита на преостанатото културно богатство“, пишува во реакцијата од СДСМ.

Владо Малески е роден во Струга на 5 септември 1919 година. Се школувал во Скадар и Битола, а студирал право во Белград пред да му прекине Втората светска војна. Како учесник во Народноослободителната борба, бил еден од организаторите на партизанското движење во струшкиот крај. По војната, бил директор на Радио Скопје, уредник на списанијата „Нов ден“, „Современост“ и „Разгледи“, како и дипломат на Македонија во повеќе земји.
Тој е еден од основачите на Друштвото на писателите на Македонија, од каде подоцна попладнево излегоа со следново соопштение:
„Во врска со денешната вест по повод наводното брутално рушење на домот на Владо Малески во Струга, Друштвото на писателите на Македонија, чиј основач е и Владо Малески, го контактираше раководството на НУ завод и музеј Охрид, кое е надлежно за објектите што се наоѓаат во Струга и имаат статус на поединечно заштитено добро, како спомен-куќата на Владо Малески.


