ФОТО+ВИДЕО | Од скопскиот асфалт до Ургентниот во Нирнберг: Популарниот д-р Горан искрено за сите лични и професионални предизвици

Кога личниот и професионален живот, посветено и несебично го споделуваш со сите кои те следат, кога не поставуваш никакви услови и барања за да дадеш сѐ што можеш и знаеш, тогаш го добиваш името на Горан Трајковски, познат како Доктор Горан. Во овој искрен разговор со него, дознавме нешта, кои ги нема на неговиот инстаграм профил, како дополнување на целосна слика за една комплетна личност.

Фото: Приватна архива

Роден 1989 во Железара, Скопје, завршил во средното медицинско училиште Панче Караѓозов, продолжил на Медицинскиот факултет при УКИМ во Скопје и по кратко лутање по македонските клиники и амбуланти, веќе 5 години работи како специјализант по Интерна медицина во Баварија.

– Како хоби ги гледам моментално фитнесот и аматерско бавење со филозофија и психологија. Да не заборавиме, пеење на инстаграм како начин за тренирање на нервите на  следачите. Сопруг и татко е за мене најновата, но и најубавата улога во животот и начин да ја забавам оваа трка која ја водиме со времето наречена модерно општество, вели докторот.

Фото: Приватна архива

Безгрижно детство на асфалтот во Железара

Гледајќи наназад, тој памети среќно и безгрижно детство. Средината во која растел била патријархална, се оддавало голема важност на почит кон постарите, воспитувањето било строго, начинот на живот меѓу луѓето сосема поразличен, комшиите смееле да влезат во дневната соба без да заѕвонат, едноставно родителите сѐ уште живееле по југословенската мустра, се присетува Горан и додава:

– Сите живеевме скромно, на граница со сиромаво. Никому не му сметаше. Ги паметам долгите летни ноќи надвор на топлиот асфалт играјќи жмурка, камај или правејќи „бељи“. Не постоеше време, едноставно бескраен момент на игра и безгрижност.  Но, од друга страна нѐ воспитуваа правилата на улицата. Ретко стигнуваше до ушите на нашите родители она што се случуваше помеѓу децата. Дел од „постарите“  се обидуваа да нѐ третираат како робови, а доколку се противиме и да ни поделат по некоја воспитна мерка. Професорите во училиштата, до некаде, вртеа и слепо око на сето тоа, бидејќи важеше правилото дека тоа помага во градење на карактер.

Фото: Приватна архива

Доктор Горан не сака да одвои само еден трауматски настан од детството, бидејќи ги имало многу. Постојано биле под закана од некого и не смееле да „поминуваат по оваа, онаа улица“, или им велеле: „Ако те фатам, ќе те…“. Сепак, признава Горан, на некој начин и самите си ја барале бељата, и продолжува:

– Имаше и моменти каде имаше вистинска агресија и насилство, кога „тепачките“ помеѓу две групи завршуваа со сериозни повреди. Да го гледам сето тоа, беше траума за мене. Јас се трудев секогаш да се држам што е можно понастрана, бидејќи не сум насилен човек.
Ништо од тоа не кажувавме дома. Тоа беше воспитувањето на улицата. Сепак, Среќните моменти очигледно преовладувале, инаку немаше да го имам споменот на убаво детство, но најчисто ми е врежана радоста кога во второ одделение татко ми, ми купи мало флиперче за дома и кога добив братче.

Фото: Приватна архива

Како и повеќето тинејџери, и тој си имал своја „фаза“. Не било лесно за неговите родители, особено не за мајката. Не се разликувал многу од врсниците, тоа вели, е делумно проблемот во таа возраст, лекоумни сме и водени од желбата да се вклопиме.

Дома се хранел со тоа што дента зготвила мајка му, но не спортувал, дополнителнта храна му станала „лек“ за стресот на факултет, качил килограми, пиел алкохол, во сесија учел навечер, а спиел преку ден, што е катастрофално за рамнотежата во организмот. Истовремено се обидувал да го одржи и својот социјален живот. Се трудел да ја искористи секоја прилика да излезе и да се забавува, мислејќи дека ако не отиде, нешто ќе пропушти. Не бил тоа едноставен период, искрен е доктор Горан за периодот на своето созревање и професионална определба.

Фото: Приватна архива

Љубовта кон медицината и вљубувањето во Алекс

По сè што можеме да видиме на вашиот инстаграм профил, вистински го сакате тоа што го работите. Беше ли тоа љубов на прв поглед?

– Љубовта кон медицината е и како љубовта со партнерот, се развива, се менува, минува низ различни фази. Па така, таа почетна љубопитност кон човековото тело и болестите, се менува во длабоко разбирање на функцијата на секоја поединечна клетка и орган во тек на студиите. На моменти, ја губиш таа почетна љубопитност, некаде во бескрајните книги кои мора да ги прочиташ за да го завршиш факултетот. Колку повеќе навлегуваш во деталите толку повеќе се губи мистеријата. Но, еден паметен асистент на кардиологија еднаш ми кажа: после студиите треба да научиш повторно да се заљубиш во медицината. И имаше право. Тука некаде е моментално мојата моментална врска со медицината, вели доктор Горан Трајковски.

Фото: Приватна архива

Вели дека и погледот со неговата сегашна вереница било љубов на прв поглед, и додава:

– Го паметам точно моментот кога првпат ни се споија погледите. До пред тој момент бевме двајца странци, 10 години подоцна родители на Себастијан. Еден поглед може да промени многу.

Фото: Приватна архива

А како Александра се „носи“ со неговата популарност, постојаните инстаграм постови, коментари и пораки кои Горан ги добива:

– На почеток не беше лесно да се навикнам на секаков вид на пораки што ги добиваше во инбокс, времето што почна да го вложува во својот профил, постојаните нотификации дење и ноќе, вниманието особено на почеток дури и на одмор насочено главно кон мобилниот.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Dr. Goran Trajkovski (@doktor.goran)

Со тек на времето, почнав Инстаграм да го сфаќам како дел од неговата работа, отрпнав на содржината на некои пораки и го прифатив тоа што треба дел од денот да го посвети за развивање на профилот, за нови видеа со едукативна содржина, па и по некое смешно видео за да си ја задоволи и изрази и креативната страна.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Dr. Goran Trajkovski (@doktor.goran)


Горан е забавна и отворена личност што си најде социјална мрежа за да си го направи денот на работа поинтересен, додека нему на Инстаграм му е забавно и му прави задоволство, па и јас сум задоволна, вели вереницата Александра.

Времето за мене секако дека е ограничено но тоа време што го имаме се обидуваме добро да го искористиме, со карање на пример.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Dr. Goran Trajkovski (@doktor.goran)

Лекарот никогаш не го симнува белиот мантил

Со оглед на тоа што докторската професија е една од најодговорните, докторот вели:

– Кога си лекар и после работа имаш обврска да истрчаш на место на несреќата доколку се случи било што. Двапати додека летав на одмор со авион беше потребен лекар.  Не можеш никогаш да го оставиш лекарскиот мантил и да заборавиш на тоа.  Тоа е повеќе како тетоважа. Со тоа кажано, се обидувам секогаш кога е можно и на работа, а и потоа да внесам хумор во сериозноста на животот и професијата. Секој слободен момент гледам да бидам покрај фамилијата.

Фото: Приватна архива

А неговата вереница Алекс за ова ќе додаде:

– Во семејството ја има среќата што не мора само тој да биде докторот, имаме многу доктори, секогаш се наоѓа некој за консултација и дискусија на одредени теми.

Професионална деформација има, ако му поставиш прашање, често знае да врати со прашање наместо само да објасни, како на факултет што прашуваат професорите.

Надвор од болница и не е многу различен од тоа што го гледате на неговиот профил, баш би рекла дека профилот е добар одраз на Горан како личност и на неговиот карактер, вели Алекс.

Фото: Приватна архива

Заминувањето од Македонија и новото поглавје во Германија

Горан вели дека од Македонија си заминал бидејќи не го вработиле на местото каде сакал да работи, поради, како што вели, партиска корумпираност, но и многу други причини.

А дали постои причина поради која би се вратил тука? Накратко: не, а со негови зборови:

– Не би имало логика цвеќето само што си го пресадил, фатило корени, повторно да го извадиш од земја и да го вратиш на старото место. Секако дека ми недостасуваат многу работи од Македонија. Но, и додека бев во Македонија, ми недостасуваа многу работи.  Човекот не е никогаш апсолутно задоволен. Инаку, сметам дека веќе сум поприлагоден на германскиот живот, отколку на оној во Македонија.

Што се однесува до македонските доктори, Горан е искрен и вели дека, доколку има можност, би му ја одземал лиценцата на секој еден кој на човечкиот живот гледа како на парче месо, преку кое може да заработи пари.

-Инаку за да бидеш врвен специјалист во медицината мора да си специјализиран во едно тесно поле на работа во кое постојано ќе се надградуваш. Со тоа губиш контакт со многу гранки на медицината. Врвни специјалисти кои знаат се веќе не постојат. Медицината стана премногу напредна и комплексна за тоа, вели доктор Горан.

Горан на инстаграм постојано споделува „интересни“ случки со пациенти, но ние го замоливме да се сети на некој таков за кој до сега нема зборуваном а тој ни одговори:

– Викенд навечер во Ургентен центар е како во диско, речиси секогаш доаѓаат тешко алкохолизирани пациенти, под дејство на дрога, таблети и слично. Можете да ги замислите случките со таквите пациенти, понекогаш мора да се инволвира и полицијата, па и пациентот принудно да се седира и, зависно од ситуација, да се фиксира за креветот. Но, мојата дефиниција за интересно е, на пример, жена која доаѓа со ангиоедем на црева (ретка состојба каде отекува цревната слузокожа и стомакот се полни со вода, настанува нагло и е пропратена со болки, често таквите пациенти завршуваат на операција бидејќи тешко се открива причината, а наликува на слепо црево). Но, штом ја знаеш дијагнозата можеш да помогнеш со давање на еден лек. Тоа е како да видиш ретка птица, можеби еднаш во кариерата, вели д-р Горан за предизвиците на својата работа во германската болница.

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Dr. Goran Trajkovski (@doktor.goran)

Кога доктор Горан би ја имал моќтта да транспортира нешта од германското во македонското здравство и обратно, вели дека во Германија би внел малку повеќе од она „чувство во стомакот на искусниот лекар“ при пристап кон пациентот, на кое се потпираат многу од постарите македонски лекари и хуморот меѓу колегите. Во Македонија пак обратно, би внел малку од структурата, правилата и дисциплината по кои се водат германските лекари. Средниот пат е најдобар, завршува докторот.

Но, мене сѐ ми се чини дека разговорот со него не е завршен. Иако мислев дека поставив дури и премногу прашања, сега чувствувам дека многу работи се недокажани. Се надевам дека ќе имаме прилика да бидеме повторно во негово друштво и разговор кој е полн со оптимизам, разбирање и ведрина што секогаш ни недостасува.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот