ФОТО + ВИДЕО | Дац и Александар го промовираа новиот спот за женската верзија на „Уште ми фалиш“
Александар Митевски и Драган Спасов Дац, уште еднаш успеаја да ги освојат симпатиите на публиката, а овој пат повеќе им беа наклонети жените. На 5 годишнината од излегувањето на нивниот хит „Уште ми фалиш“ тие снимија и промовираа женска верзија од песната и спотот. Омилени меѓу македонската публика и нивните пријатели и соработници, вчеравечер со убав повод на едно место собраа дел од скопските урбани ликови, како и дел од оние кои се појавуваат во нивните спотови, во машката и женската верзија.
Со многу гости, убаво расположение и искрени насмевки и многу емоции, беше промовиран спотот и песната за женската верзија на „Уште ми фалиш“.
Како што изјави Дац на почетокот, ова е првиот римејк на спот во Македонија, за кој немале проблем да ги договорат сите дами кои биле поканети. Женската верзија ја испеале Билјана Ѓошева и Билјана Драгичевиќ Пројковска како главни вокали и Вера Јанковиќ и Маја Гроздановска како придружни.
Во женскиот спот се појавија дури 32 дами, меѓу кои Виолета Томовска, Росана Сариќ Тодоровска, Јелена Жугиќ, Живкица Каленикова, Билјана Драгичевиќ Пројковска, Вера Мештеровиќ, Вера Јанковиќ, Дани Димитровска, Рисима Рисимкин, Индира Кастратовиќ, Маја Гроздановска Панчева, Билјана Ѓошева, Марјана Станојковска и други.
Некои од гостите вечерта имаа да кажат по некој убав збор за домаќините и за нивните импресии од спотот и песната. Сите беа воодушевени и се согласија дека и двете верзии се подеднакво убави и вредни да останат во историјата на македонската музика.
– Песната е мелем за секој човек, така што кој и да ја пее, дали машко или женско има убавина. На дамите секогаш им е отворено местото до нас мажите, мажот и жената треба секогаш да се заедно. Честитки за Дац и Александар, направија нешто што Скопје го немаше – изјави Трифун Костовски.
– Не можам да одвојам дали машката или женската верзија, и во двете има неверојатна енергија, така што мислам дека треба да следи заеднички спот со 28 мажи и 32 жени, да направиме нешто заедно. Вечерва јас делумно го ослободив Скопје, ослободете го и вие – порача Вера Јанковиќ, која ја отвори и водеше промоцијата на спотот.
– Почестена сум што сум дел од оваа женска верзија, сите жени се светлина, храброст, љубов и мислам дека тоа го пренесовме ние што бевме дел од спотот како претставнички на сите жени. „Уште ми фалиш“ е навистина песна која те понесува, ти буди емоции, те враќа на моменти во некои стари времиња, ти текнува на некои стари симпатии и љубови. Секој ќе си најде по некоја своја биографија во дел од песната, затоа верувам дека ќе живее, како што веќе и се покажа – вели Живкица Каленикова за песната и спотот.
– Навистина е чест да се биде дел од овој спот и јас уште кога ме покани господинот Драган Спасов, му реков дека тој всушност создава историја. Тука има многу дами кои се во поодминати години, меѓу кои сум и јас, и кои докажано придонеле секоја во својата сфера каде делувале. Ова е убав начин да им се означи нивното место со едно мало делче од песната, впрочем најубаво е кога животот е песна – изјави актерката Бедија Беговска.