ФОТО: Учениците Македонци во тетовско Непроштено учат во контејнери кои ги користеа бегалци за време на косовската криза

Фото: Слободен печат/Зоран Димовски

Фотографиите доволно сведочат во какви мизерни услови учат учениците во тетовско Непроштено, кои следат настава на македонски јазик.

Фото: Слободен печат/Зоран Димовски
Фото: Слободен печат/Зоран Димовски
Фото: Слободен печат/Зоран Димовски
Фото: Слободен печат/Зоран Димовски

Се работи за два контејнери во кои во 1999 година за време на косовската криза беа сместени бегалците од Косово.
Тие се стари и дотраени. На зима ладно, на лето неподносливи високи температури.

Дотраената инсталација не дозволува да се вклучат повеќе грејни тела за да се затопли објектот. Покривот прокиснува ,а тоалетите се во ужасна состојба. Часот по физичко образование го одржуваат во кал и пепел на игралиште кое неодамна го зафати поплава, но Општина Теарце под која припаѓа село Непроштено се уште нема преземано никакви мерки за санирање на штетата и чистење на игралиштето.

Фото: Слободен печат/Зоран Димовски
Фото: Слободен печат/Зоран Димовски

Жителите на селото чии деца и внуци следат настава во вакви мизерни услови, бараат надлежните што поскоро да преземат мерки за обезбедување на достојни услови за следење на настава.

„Кое време сме сега деца во 21 век да учат во контејнери. Се знае во контејнерите што се складира, децава наши немаат ниту услови за физичко образование. Има надвор игралиште, но тоа е преполно со тиња и бактерии. Имаше поплави и надојде тиња на игралиштето и го уништи. Децата учат во најмизерни услови. Да дојдат од Министерството за образование да видат каде учат децата. Студи, подот е ладен, тоа е контејнер. Внучето таму ми учи, да се направат барем две простории со тврд материјал за децата да имаат соодветни услови за учење. Апелирам до Министерството за образование да види во какви услови учат децата и повторувам бараме да се направат две простории.И самата Општина Теарце градоначалникот да дојде да види барем за игралиштето да се уреди. Децата дома ни доаѓаат со кал и со пепел, имаат физичко во тиња и пепел. Тоа не е некој проблем за да се исчисти“, рече Веле Томовски жител на село Непроштено.

Од Министерството за образование и наука одговорија дека тие како институција инвестираат во училишни објекти, врз основа на доставени барања од страна на локалните самоуправи, проценка на реалните потреби и врз основа на чиста документација.

„Досега не е доставено, но доколку општина Теарце достави до МОН соодветно барање и урбанистичко – планска документација, ќе се пристапи кон разгледување и одлучување за понатамошно постапување, односно внесување на проектот во некоја од следните инвестициски програми“, соопштија од Министерството за образование.

Од Општина Теарце пак велат дека проблемот е наследен, а изградбата на нов училишен објект би значело финансиски товар на општината, ако се земе предвид дека во истото село има уште еден училишен објект каде настава следат ученици Албанци, а ги исполнуваат сите услови за одржување на воспитно-образовен процес.

„Сакаме да ве известиме дека во ова село постои основно училиште од 1954 година во кое во последно време реализирани се инфраструктурни инвестиции и актуелно поседува добри услови за настава каде наставата ја следат 110 ученици. За жал не постојат финансиски можности за изградба на нов објект, а особено кога веќе имаме еден постоечки. Исто така имајќи го во предвид и бројот на учениците и драстичниот пад на бројот на учениците ќе биде многу тешко постоењето и одржувањето на повеќе училишни објекти во Општина Теарце. Нашето мислење е учениците кои следат настава на Македонски јазик да се приклучат и да учат заедно со учениците Албанци каде има добри и значителни просторни услови, тоа е решението на проблемот“, соопштија од Општина Теарце.

Но, мештаните не се согласуваат со ставот на Општина Теарце оти како што велат во училиштето во минатото учеле заедно учениците Македонци и Албанци, но по бројните меѓуетнички инциденти, жителите стравуваат децата да се вратат и таму да ја продолжат наставата.

Поради лошите услови, сега во двата контејнери оваа учебна година настава на македонски јазик следат само 12 ученици. Дел од нив се отселени, но има и деца кои се запишани и во основните училишта во Тетово.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот