ФОТО | Совети од флористката Ане Блу за Денот на вљубените: Бројот на подарени рози ги откриваат вашите чувства

Фото: Приватна архива

Денеска се слави Денот на вљубените, кој низ светот е познат како Свети Валентин, а го добил името по ранохристијанскиот светец Валентин, кој живеел во 3 век во новата ера.

Според верувањата, Свети Валентајн бил свештеник кој тајно ги венчавал римските војници и нивните избрани невести. Симболот на Валентајн е римскиот бог Купидон. Се смета дека оној кој ќе биде погоден од стрелата на Купидон, веднаш ќе се вљуби.

Фото: Unsplash

Љубовта отсекогаш била инспирација за многу луѓе низ човековата историја, посебно за оние кои се занимаваат со креативна работа. Денешниот ден е особено инспиративен за флористите, бидејќи најбараниот подарок, розата е токму кај нив.

Концептот на подарување цвеќе со симболично значење постоел уште од античките времиња, но популарноста на изразување чувства и емоции со помош на цвеќињата и нивните бои, својот врв го достигнува во западниот свет во времето на Викторијанската ера.

Фото: Unsplash

Црвената роза е симбол на убавина, страст, желба и романтична љубов, и од таа причина таа е најпопуларната боја на роза, особено кога таа се подарува на некому. Црвената роза е поврзана со Божицата на љубовта Афродита.

Митот вели дека таа ја повредила ногата на трн од бела роза трчајки кон нејзиниот ранет љубовник – Адонис. Нејзината крв ги обоила белите рози во црвена боја, претворајќи ја црвената роза во симбол на голема љубов страст

Фото: Unsplash

За тоа дека црвените рози будат чувство на страст и романтика говори и легендата за Клеопатра, која вели дека таа го завела својот љубовник Марк Антониј во својата соба која била целосно прекриена со ливчиња од црвени рози.

Во 18-от век, розите се користеле и како средство за комуникација помеѓу љубовниците, кои во тогашното општество биле принудени своите чувства да ги чуваат во тајност. Во овој период црвената роза станала симбол на вистинска и искрена.

Фото: Unsplash

На овој ден розата го ужива целото внимание, но покрај нејзината убавина и опоен мирис е најчесто употребувана во креирањето на цветни аранжмани, па дури и уметнички инсталации. Розата е најбараниот цвет на овој празничен ден, а на таа тема ќе поразговаравме со Ане Блу, професионален флорист и креатор на цветната онлајн галерија и шоп „Ane Blue Flowers“.

Бројот на подарени рози носи порака

Најподаруваната боја на роза за Денот на вљубените е црвената, но не се исклучуваат ниту белата роза и златната роза која е нов тренд во флористиката.

Фото: Приватна архива

Бројот на рози кој го подарувате на вашата сакана носи посебна симболика. Доколку подарите една роза тоа означува љубов на прв поглед, а веќе три рози означуваат искажување на чувства, за првпат од страна на едниот партнер.

Доколку подарите девет рози на вашата партнерка значи дека имате сериозни намери и дека се гледате во иднина со неа.

Фото: Приватна архива

Подарувањето на педесет рози означуваа безусловна љубов, седумдесет и седум рози означуваат сродна душа и ги подарувате на саканата која ја сметате за сродна душа, а 99 рози претставуваат љубов и ветување дека ќе останете покрај саканата се додека смртта не ве раздели.

Доколку на вашата сакана и подарите букет со сто и една роза со тоа и укажувате дека таа е една и единствена за Вас.

Фото: Unsplash

Доколку на овој љубовен ден сакате да ја побарате раката на вашата сакана, покрај прстенот се подарува букет со сто и осум рози според симболиката на подарувањето на овој цвет .

Трендови во подарувањето на рози

Социјалните мрежи и новите трендови во флористиката ни наметнуваат подарување на букети со рози, но во нови форми и дизајни.

Фото: Приватна архива

За оваа година апсолутен хит се цветните кутии во кои во комбинирање на црвени или бели рози се испишува првата буква од името на саканата или нејзините иницијали.

Фото: Приватна архива

Буква испишана со рози, која покрај тоа што изгледа волшебно, му дава и персонална нота на самиот подарок правејќи го посебен за личноста за која е наменет.

Срцето како форма е неодминлива на овој ден, а со тоа и цветните кутии полни со црвени, бели или златни рози.

Фото: Приватна архива

Бидејќи љубовта и чоколадото секогаш се совршен пар во новите трендови на флористиката се прави и спој на рози и слатки задоволства со цел да се исполнат желбите на клиентите.

Еден букет со рози ќе го освои нејзиното срце

Иако цветните кутии малку ги засенија класичните букети со рози, тоа не значи дека истите не се барани.

Покрај класичниот букет рози завиткани во парче целофан, новите трендови во аранжирањето налагаат и користење на други материјали .

Фото: Unsplash

Еден букет со рози може да биде спакуван и во парче текстил, колоритни фолии, златни фолии, рециклирана хартија и многу други интересни материјали.

Сепак, подарувањето на букет рози или со или без повод секогаш носат насмевка на лицето на оние кои најмногу ви значат.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот