ФОТО: Се плаќа патарина, но не е автопат – делницата Тетово-Гостивар е ризик за возачите и заборавена од властите

Фото: Слободен печат

Со дупки и вдлабнатини, без заштитна ограда, со само две коловозни ленти.

Делницата Тетово-Гостивар долга 26 километри која се нарекува автопат, но во пракса не е оти не ги исполнува стандардите, поради ризиците од сообраќајки, максималната брзина на возење е до 80 километри на час.

Откако е изградена пред повеќе од 25 години, таа ниту еднаш не е целосно реконструирана.

Фото: Слободен печат

Но и покрај ваквата кастастрофална состојба возачите и натаму мора да плаќаат патарина за влез и излез од овој таканаречен автопат.

Фото: Слободен печат

Тие се гневни особени денеска, кога помпезно на тетовската патарина се промовираша изградбата на коридорот 8, чиј дел е и коловозот Тетово- Гостивар.

„Досега со прст не мрднаа за оваа сообраќајница, која можам да кажам дека е една од најфрекфрентните во Македонија. Многу обезбедување, хеликоптери летаа над нас, посебен сообраќаен режим, за што?, за нешто што требаше одамна да го направат, да го прошират патот и да го реконструираат и најважно од се е да го оградат, затоа и плаќаме патарина да возиме по автопат, а не по локален пат. Но, како досега така мислам и понатака ќе ја тераат приказната, власта ќе се слика ќе ветува дека ќе го среди автопатот, но од тоа пак нема да има ништо. Ние ќе си плаќаме патарина, а услуга и натаму нема да добиваме никаква“, вели еден возач за „Слободен печат“ кој го затекнавме на тетовската патарина на Автопатот Тетово-Гостивар каде се одржуваше манифестацијата по повод почеток на изградбата на Коридорот 8, каде учествуваа премиерот Димитар Ковачевски, владини министри, амбасадори и преставници на компанијата-изведувач.

Возачите се загрижени за својата безбедност оти се почесто делницата ја преминуваат разни животни предизвикувајќи сообраќајки, затоа што патот не е обезбеден, заштитната ограда на повеќе места или ја нема или е оштетена.

„Надлежните не можат една жичана ограда да постават за да нема сообраќајки, сега се фалат со изградба на целиот Коридор 8, каде им е автопатот кон Охрид? И ова е едно од неколкуте ветувања на надлежните“, додаде друг возач.

На автопатот Гостивар-Тетово-Скопје, често пати животни, претежно кучиња – скитница, како и мечки, волци и лисици, овци и коњи, зајци го преминуваат коловозот, предизвикувајќи сообраќајни несреќи.

Од СВР – Тетово велат дека главен проблем е необезбедениот автопат каде често пати заштитната мрежа или ја нема или е оштетена и животните слободно се движат по автопатот.

Оттаму со апел надлежните да ги контролираат патиштата и истите да бидат обезбедни со соодветна мрежа, за да се избегнат вакви сообраќајни несреќи.

„Минатата година во Секторот за внатрешни работи Тетово вкупно регистрирани се 80 сообраќајни несреќи кои се случиле на автопатот Гостивар-Тетово-Скопје, а во првите два месеци од годинава 16. Најголемиот број од несреќите биле само со причинета материјална штета, а само неколку со телесно повредени лица. Овие „сообраќајки“ претежно ги предизвикале кучиња скитници кои неконтролирано се движеле по коловоз, а кои претходно влегле преку оштетената заштитна жичана ограда или постојните надвозници долж автопатските ленти на потегот од Гостивар до Тетово. Покрај ова, десетина од несреќите биле предизвикани од диви животни како мечка, свиња, зајаци, срна и други. Најмногу од несреќите се случиле во доцните вечерни или раните утрински часови во близина на постојните клучки“, изјави за „Слободен печат“ Мајран Јосифоски портпарол на СВР Тетово.

Инаку пред две години Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски при посета на Тетово, рече дека Автопатот Тетово-Гостивар е еден од клучните приоритети на кои работи Владата.

Тој додаде дека кога ќе се реконструира тој автопат постоечкото решение ќе биде во едниот правец, од Тетово кон Гостивар, а другата траса која што ќе биде изместена, нема да биде паралелно со овој пат. Но, досега освен ветувања како и денешната помпезна најава за изградба на Коридорот 8, на терен нема никакви градежни активности.

ФОТО+ВИДЕО | Бочварски од Тетово: Досега изградивме 1000 км патишта, на ред е проширувањето на автопатот Тетово-Гостивар

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот