ФОТО | Првата дама на Њујорк даде ексклузивно интервју: „Јас едноставно одбивам да престанам да бидам тоа што сум“
Рама Дуваџи, визуелна уметница и сопруга на новоизбраниот градоначалник на Њујорк, Зохран Мамдани, првпат јавно проговори за својот живот, идентитет и ненадејната изложеност на јавноста во ексклузивно интервју за „Д Кат“, онлајн-публикација во рамки на магазинот „Њујорк“.
Препорачано
„Се чувствував како да одам низ магла. Ми рекоа: ‘Тој победи’, а јас само одговорив: ‘Што значи тоа?!’“, раскажува Дуваџи за ноќта на изборната победа.

Во разговорот, 28-годишната уметница отворено зборува за тоа како од приватна личност преку ноќ станала дел од политичкиот врв на градот.
„На крајот на денот, јас не сум политичарка. Тука сум да бидам поддршка за Зохран и да ја користам оваа улога на најдобар можен начин – како уметница“, вели таа.

Дуваџи зборува и за непријатноста од тоа што медиумите ја дефинираат исклучиво преку бракот.
„Првата статија што излезе беше ‘Која е сопругата на Зохран Мамдани?’. Бев вознемирена затоа што кога ќе го пребараш моето име, тоа излегуваше пред интервјуата за мојата уметност и мојата работа“, искрена е таа.

Во интервјуто, таа се осврнува и на своето потекло, детството помеѓу САД и Дубаи, како и на искуството на растење како муслиманка по 11 септември.
„Сѐ е политичко. Не можам да зборувам за ништо друго кога Палестина, Сирија и Судан ми се постојано во мислите“, вели Дуваџи.

Фотографиите кои го придружуваат интервјуто се дело на фотографот Силвестер Мако, а визуелниот концепт ја нагласува нејзината уметничка естетика, со комбинација од современа мода, винтиџ парчиња и керамички детали изработени од самата Дуваџи.
„Кога одеднаш имаш милион очи вперени во тебе, почнуваш премногу да размислуваш. Но, јас едноставно одбивам да престанам да бидам тоа што сум“, порачува таа.



