ФОТО: Пропаѓа училиштето во кое е одржан првиот час на македонски јазик во кичевското село Подвис

Фото: Колаж/Сојуз на борците од НОАВМ (1941-1945)

На вчерашен ден, 23 септември, во 1943 година, во времето на првиот од петте кратки периоди во кои Кичево и областа Копачка биле ослободени од фашистичкиот окупатор за време на Втората светска војна, во селото Подвис е одржан првиот школски час на македонски јазик.

На овој јубилеј потсети Сојузот на борците, наведувајќи дека училиштето било отворено на ослободената територија, а прв учител бил Василко Ристески од Подвис. На првиот час, тој им рекол на учениците: „Деца, отсега натаму ќе си учите на вашиот мајчин македонски јазик. И ќе си се поздравуваме на македонски јазик.“ Секој ден, при влегувањето на учителот во училница, тој поздравувал со: „Смрт на фашизмот“, а децата одговарале со: „Слобода на народот“.

Фотографиите од објавата на Сојузот на борците потсетуваат дека училишната зграда во која се одвивала историската прва настава на современ македонски јазик со години е во очајна состојба, оставена да пропаѓа без никаква грижа од државата, и покрај тоа што има статус на споменик на културата.

Фото: Кирил Симеоновски / Википедија

Зградата се наоѓа во стариот, целосно напуштен дел од Подвис, а спомен-плочата која била поставена на неа, локалните жители одамна ја преместиле во новиот дел на селото. Последните, јалови најави за обнова на училишната зграда се слушнаа во 2014 година.

Првото ослободување на Кичево и околината во септември 1943 година траело 21 ден.

Учениците кои ја следеле првата настава на македонски јазик во училиштето во Подвис / фото: Ацо Лукароски

За случувањата во Подвис, на првата ослободена територија за време на војната, скоро цела година пред заседанието на АСНОМ, раскажува документарниот филм на МТВ за селото од 2006 година, чиј автор е писателот Стојмир Симјаноски. Во него, за првите училишни часови на македонски јазик зборуваат и некои од тогашните ученици:

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот