ФОТО | Промовиран е новиот селектор на македонската кошаркарска репрезентација, Жозе Берокал
Денес Кошаркарската федерација одржа прес-конференција на која го претстави новоназначениот селектор на машката сениорска репрезентација на Македонија, Жозе Берокал, како и претставување на неговите стручни соработници во тимот.
Препорачано
„Денес имаме чест официјално да ви го претставиме новиот селектор на македонската сениорска репрезентација, господинот Жозе Марија Берокал, тренер со богато меѓународно искуство, јасна кошаркарска филозофија и препознатлив систем на работа. Убедени сме дека со неговото знаење, професионализам и посветеност ќе донесе нов квалитет и стабилност во националниот тим“, рекоа од КФМ.
Заедно со него, во стручниот штаб ќе работи и нашиот истакнат тренер Ѓорѓи Кочов, кој како негов асистент ќе биде важна врска помеѓу интернационалното искуство и домашната кошаркарска школа.
„Веруваме дека оваа комбинација претставува одличен баланс и гаранција за сериозен пристап кон предизвиците што нѐ очекуваат. Во процесот на координација и стратешко поврзување на сите национални селекции, значајна улога ќе има и директорот – координатор на репрезентациите, легендата на македонската кошарка, Владо Илиевски, чиј авторитет, искуство и посветеност се дополнителна сила во создавањето на стабилен и долгорочен систем. Како Федерација, остануваме цврсто определени кон професионализација, развој на домашните играчи и враќање на препознатливиот репрезентативен дух. Пред нас се сериозни предизвици, но и можности – и веруваме дека со заедничка работа, поддршка од јавноста и медиумите, можеме повторно да ја позиционираме македонската кошарка на нивото кое го заслужува“, рече претседателот на Кошаркарската федерација, Томе Главчев.




