ФОТО | Од Буенос Аирес до Скопје со автостоп: Паула и Августо патуваат и тетовираат, живот полн со авантури и предизвици

Фото: Приватна архива
– Навистина уживаме да бидеме во Скопје. Го чувствуваш истовремено и како град и како село. Ние веќе запознаваме многу луѓе од тука, а со некои од нив поминавме и време на улица, што е навистина комплицирано да се случи во голем град. Ни се допаѓа надреалистичката слика на статуите и сите наши искуства тука беа позитивни, вака ја започнуваат својата „скопска“ приказна двајцата Аргентинци Паула и Августо кои се на пропатување низ Европа и навратија и во Скопје.
Фото: Приватна архива

Не е невообичаено да се заљубиш, но е бонус кога ќе ја пронајдеш сродната душа. И тетовирањето не е некој ексклузивитет, но е посебен момент ако те тетовираат Паула или Августо. Или двајцата комбинирано. Овие автостопери кои патуваат и живеат во различни држави и градови, во моментов ги имаме во нашето Скопје. Првичниот план, да се задржат тука само еден месец, го менуваат, поради тоа што се вљубиле во Скопје и ќе останат до крајот на Јули, а Паула особено го „бендисала“ нашиот бурек. Можно е последните 2 недели да ги поминат во Охрид. Овие двајца партнери во љубовта, бизнисот, патувањето, талентот и генерално во секој аспект на животот, не е лесно да ги доловиш на неколку страни, затоа се надевам дека ќе имате прилика лично да ги запознаете.

Како Паула го запозна животниот сопатник

Паула е родена во Буенос Аирес, Аргентина на 18 ноември 1997 година. Таа е уметник во вистинска смисла на зборот: сликар, фотограф, тату артист, патник, автостопер и писател. Сака да открива нови култури и да ги прикажува како приказни, фотографии и слики. Вели дека е заљубена во движењето, бидејќи смета дека така можеме да научиме многу, бидејќи излегуваме од нашата комфорт зона.

Фото: Приватна архива

Паула така го живее нејзиниот живот: учи секој ден од различни реалности за да го разбере човештвото малку повеќе. Августо е роден во 1996 година во Аргентина, Буенос Ариес, пораснал таму и во Еквадор. Студирал во Аргентина, но секогаш имал идеја да патува без ограничување на времето. По завршувањето на студиите, учел музика неколку години. Не сакал да остане во Буенос Аирес на студии и работа, па затоа, буквално од денеска за утре, одлучил и се охрабрил да започне да патува на неодредено време. На почетокот патувал со неговиот пријател Џулијан и на едно од тие патувања, како што самиот вели, имал среќа да ја запознае Паула, која и четири години подоцна, сè уште е негов партнер на патувањата.

Фото: Приватна архива

– Се запознавме за време на едно патување во Аргентина. Секој патуваше со свој пријател и се сретнавме во хостел во градот Сан Рафаел, Мендоза. Следниот ден започнавме да патуваме заедно и веќе првиот ден го поминуваме со автостоп и кампуваме под ноќното небо полно со sвезди, раскажува Августо.

После две години заедничко патување, запонале да тетовираат. Во Мексико вежбале на овошје, а потоа и едни на други – Паула го тетовирала Августо, а тој неа.

– Да се ​​стане добар во тетовирање требаат многу години, тоа беше долг процес, додека не го достигнеме она што го знаеме денес. Имаме различни стилови во нашата уметност. Августо сака реализам, а Паула илустрација и бои. Сакаме да го комбинираме нашето знаење и ги прифаќаме нашите разлики во стиловите, зависно од вкусот на клиентот, велат тие.

Фото: Приватна архива

Животот е отворен пат

Желбата за живот по патиштата кај Августо се јавила кога бил многу мал и си го поставувал прашањето: „дали има други можности, освен едноставно да работам и да живеам на едно место“? Одлуката да започне ваков начин на живот, кај неговото семејство била прифатена со чудење, која кај некои од нив, и по четири години не е прифатена. Сепак, Августо верува во тоа дека секоја личност треба да го прави она поради кое чувствува среќа.

Фото: Приватна архива
Кај Паула приказната за патување има малку поинаков тек, иако и кај неа желбата за тоа ја имала од најрана возраст, вели таа и додава:

– Идејата за авантура, за откривање на различни реалности и отворање на мојот ум за да можам да пораснам до мојот максимален потенцијал, секогаш ми го привлекуваше вниманието. Оваа идеја ги привлече и моите сестри, кои, исто така, имаат дух на патување, а и во мојата култура младите се охрабруваат да патуваат низ целиот свет. Моето семејство секогаш ме поддржуваше, на почетокот беше потешко, но тие знаеја што сакам и дека во секој случај ќе го сторам тоа. Тие уживаат кога гледаат дека сум среќена и дека преку патувањето растам и учам многу.

Паола прави селфи во скопската чаршија / Фото: Приватна архива
Овој пар досега има посетено околу 25 земји. Велат дека најчесто не се свесни колку од тие земји вистински ги познаваат, затоа што постојат толку многу аспекти на секојдневната култура, и не секогаш успеваат да ја достигнат највисоката точка, со цел разбирање на историјата, социјалниот и политичкиот контекст, велат нашите соговорници, и продолжуваат:

– Потребно е долго време да се потопите во некоја култура, ние сакаме да живееме со локалното население, да ги слушаме нивните приказни и да работиме со нив, покрај посетите на убави и туристички места.

Фото: Приватна архива

Идеално место за живеење

Доколку мора да одбере едно место за живеење, за Паула тоа би бил Ел Болсон, во аргентинската Патагонија. Вели дека природата таму е неверојатна, сините и зелените реки се спуштаат од ледените планини, а дрвените куќи се опкружени со девствени шуми каде нема ни трага од човештвото. Животот таму е мирен, но истовремено има и многу социјални и културни движења. Слично на неа, и Августо сака место кое е во близина на природа, но истовремено и близу до град. Во моментов нема некој фаворит.

Фото: Приватна архива

– Обично започнуваме еден нормален ден во градот во кој престојуваме, понекогаш во куќа на семејство или хостел. Ако тој ден решиме да се движиме, го полниме ранецот и започнуваме да одиме и да стопираме. Потоа, се појавуваат бесконечни можности пред нашите очи: автостопот може да биде брза опција или може да трае долго време. Можеби личноста што ќе нè земе во автомобил, ќе нè покани во својата куќа или да работиме на некој проект и слично. Секоја минута може да го промени текот на нашиот ден или нашата недела. Потоа, кога ќе пристигнеме на посакуваното место, бараме каде да спиеме и што да јадеме. Можеби ќе го завршиме денот на кампување, правење друшто на некоја осамена душа, споделување оброк со семејство… и во текот на денот може да видиме место кое ќе ни го одземе здивот, ќе се сретнеме со прекрасна личност со интересна приказна, или можеби ќе завршиме со запознавање на претседателот на таа земја (што пред скоро време ни се случи), но сигурно е дека ќе научиме нешто ново, раскажуваат Паула и Августо.

Фото: Приватна архива

Во моментов тие немаат конкретен план за нивната следна дестинација после Скопје. Единствено знаат дека ќе работат (ќе тетовираат) на фестивалот „Еразмо“ во Луксембург и Германија во август. Велат дека со нетрпение го очекуваат моментот кога ќе отпатуваат на Средниот исток и во Кавказ. Паула планира да го посети своето семејство во текот на зимата, а потоа најверојатно ќе се упатат кон Турција, Грузија и Русија.

Фото: Приватна архива
Им посакуваме уште многу патувања и авантури!

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот