ФОТО+ВИДЕО | Ја нашминкале, ѝ ставиле долги трепки: Обновената статуа на Дева Марија во Севиља од ремек-дело во предмет на потсмев, верниците протестираат
Реставрацијата на статуата на Блажената Дева Марија од 17 век предизвика негодување кај верниците кои се жалат дека таа сега изгледа како да била подложена на „неуспешна пластична операција“. Станува збор за Ла Макарена, дрвена статуа на Богородица висока 1,75 метри, која во јуни беше испратена од светилиштето во Севиља, Шпанија, на редовна обнова, односно реставрација, пишува „Дејли мејл“.
Препорачано
Статуата беше вратена во светилиштето, а новиот изглед на Дева Марија ги налути многумина кои рекоа дека повеќе не го препознаваат нејзиното лице. Со реставрацијата на статуата ѝ се додадени подолги трепки, измазнета ѝ е кожата, поправен ѝ е носот и осветлен тенот.
View this post on Instagram
Пропадната „операција“
Франциско Аркиљо Торес (85), кој вообичаено секогаш ја реставрира Ла Макарена, од срам се повлекол по неуспешниот „зафат“, а се понудил да го поправи она што го направил. Реставрацијата би вклучувала преглед и корекција на трепките, повторно општ преглед на состојбата, како и отстранување на дамките што настанале во солзните канали на статуата. Но, верниците од Севиља и оние што патуваат од целиот свет за да ја видат статуата во текот на поворките на Светата недела бараат објаснување и одговори.
„Нејзиното лице е целосно променето. Ме боли што го велам ова, но изгледа како лоша копија на оригиналот“, изјавил еден лут верник за шпанскиот весник „Ел Паис“.
„Како да е нашминкана, а Ла Макарена едноставно не можеш да ја средиш така“, додал друг верник за „Њујорк тајмс“.
Гневот на верниците е толку голем што една жена во живо во ТВ-програма го обвинила реставраторот Аркиљо, инаку професор на Универзитетот во Севиља, кој со години работел на статуата, за „убиство“ на Дева Марија.
Опасна работа
Самата промена во изгледот на лицето на Дева Марија предизвика бројни протести во Севиља, а исто така покрена и нестабилност во Братството Ла Макарена – групата задолжена за заштита на ликот на Богородица. Стотици бесни верници се собрале пред базиликата Ла Макарена во јуни барајќи оставка од водачот на братството.
Црквата се извинила набрзо потоа и се затворила половина ден додека се извршувале последните чекори од реставрацијата. Кога црквата повторно била отворена, статуата на Богородица што се прикажува секоја година во текот на историските прослави на Семана Санта (Светата недела) во Севиља, имала пократки трепки. Меѓутоа, ниту тие промени не го смириле незадоволството, а многу верници се пожалиле дека нејзиното лице сега изгледа уште полошо.

Педро Манцано, севиљскиот „доктор“ за божественото, сега е задолжен за корекција на неуспешниот аранжман на Ла Макарена.
„Ова е голема одговорност и нема ништо поопасно од оваа работа. Ако на луѓето не им се допадне резултатот на крајот, можат да ве нападнат на улица“, изјави Манцано за „Тајмс“.
И покрај тоа што се работи на реставрацијата и поправката на статуата, се очекува да поминат месеци пред Ла Макарена повторно да се појави во базиликата во Севиља.
View this post on Instagram
Други случаи
Овој неуспешен случај на реставрација на статуата на Дева Марија може да се спореди со подеднакво неуспешната реставрација на ликот на Исус Христос од 2012 година, што резултираше со тоа што делото беше наречено „Мајмун Христос“.
Сесилија Хименез (82) одлучи да ја „дотера“ фреската „Ecce Homo“ („Еве го човекот“) во црквата Света Марија Милостива во Борха, северна Шпанија. Меѓутоа, нејзините потези со четка целосно го уништиле лицето на Исус, претворајќи ја сликата во она што мештаните го опишаа како повеќе како еж или влакнест мајмун отколку како Исус.
Порано оваа година, неуспешен случај на реставрација се случи и во едно полско село. Мештаните беа згрозени од реставрацијата на светилиштето од 1820 година посветено на Исус и Дева Марија. По реставрацијата, тие забележале дека Дева Марија наликува на лик од цртаниот филм „Симпсонови“.
Статуата на Богородица, претходно опишана од експертите како „висока и витка“, сега има преголеми раце налик на ракавици за печка, големи и пренагласени очи, како и искривен израз на лицето. Статуата на Исус изгледа како да носи сиви гаќи, а двата лика се обоени во неприродна, жолта боја.
Мештаните го изразија своето незадоволство од оваа реставрација, а многумина го опишаа потфатот како „сквернавење“.
„Дојдоа времињата на голема варварска негрижа за духот и разумот“, напишал еден незадоволен верник на социјалните мрежи.
„Со задоволство би ризикувал и би се обратил до канцеларијата на државниот обвинител за навреда на религиозни чувства, бидејќи ова не е ништо друго освен пример за сквернавење на предмет на религиозно обожавање“, додал друг.


