ФОТО | Неверојатна глетка: Поларна светлина на небото ги воодушеви жителите на Германија

Фото: Markus Hibbeler / AFP / Profimedia

Поларната светлина е една од најневеројатните природни појави, која претставува прекрасна глетка за сите кои некогаш ја посведочиле.

Во ноќта меѓу неделата и понеделникот, жителите на северна Германија имаа прилика да уживаат во овој нереален феномен на небото, кое било осветлено со различни бои – зелена, виолетова, жолта и црвена.

Неколку дена претходно, слична појава имаше и на небото над покраината Саксонија-Анхалт.

Фото: Krauthöfer / imago stock&people / Profimedia

Жителите на Германија и во април годинава имаа можност да ја набљудуваат поларната светлина. Институтот за соларна физика на Германскиот авиовселенски центар (ДЛР) објасни дека појавата на поларната светлина не е особено необична.

Имено, приближно на секои 11 години фазите на слаба и силна сончева активност наизменично се менуваат во сончевиот циклус, а моментално се наближува максимумот на сончевата активност. Следниот врв се очекува во 2025 година, а статистички гледано, пролетта и есента се најдобри сезони за поларната светлина.


Инаку, поларната светлина, позната и како аурора, е природна појава на светлина на небото, особено во поларните региони, предизвикана од судирот на наелектризираните честички под влијание на магнетното поле на Земјата. Поларната светлина обично се забележува ноќе, а настанува во јоносферата. Таа е позната и како поларна аурора или колективно, како поларни светлини (аурори). Овие феномени обично се видливи помеѓу 60 и 72 степени северна и јужна географска ширина, со што се ставаат во рамките на Северниот и Јужниот Поларник. Поларните светлини настануваат подлабоко во поларните региони, но тие се реткост и често се невидливи за голо око.

На Северниот Пол овој ефект е познат како „aurora borealis“ (или северна светлина), наречена по Аурора, римската божица на зората и старогрчкиот назив за северниот ветер, Бореј. Поларната светлина во близина на магнетното поле може за се забележи високо над Земјата, но гледано од поголема далечина, таа го осветлува северниот хоризонт со зеленикав сјај или понекогаш со бледо црвена боја, па изгледа како Сонцето да изгрева од необична насока. Оваа светлина обично се јавува за време на рамнодениците. Низ историјата ѝ се давале голем број имиња. Крите (домородcки народ во Америка) овој феномен го нарекле „танцот на духовите“. Во Европа, во средниот век се верувало дека поларните светлини биле знак од Бога.

Нејзината јужна двојничка, „aurora australis“ (или јужна светлина), има слични својства и е видлива во јужните географски широчини на Антарктикот, Јужна Америка и Австралија.

ФОТО | Поларната светлина блесна над небото во Британија и Ирска

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот