ФОТО | Милош Биковиќ и колегите уживаа на Свети Наум: Mалку е еден ден за прошетки низ Охрид

Милош Биковиќ со тимот на фестивалот на Долни сарај/ Фото: „Охридско лето“

Со претставата „Лагата“ и гости од Белградскиот драмски театар, во режија на Никола Љуца, а по текст на Флоријан Зелер, во неделата на Антички театар се затвори 63-тото Охридско лето.

Главните актери на претставата, Јелисавета Теодосиќ, Тамара Крцуновиќ, Миодраг Радоњиќ и актерската ѕвезда Милош Биковиќ, се воодушевени од убавините на Охрид.

По прес-конференцијата која се одржа на Долни Сарај, Биковиќ на организаторите на „Охридско лето“ им рекол дека е воодушевен од Охрид и дека би сакал да остане неколку денови.

Милош Биковиќ/Фото: Охридско лето

Актерската четворка прошета до Свети Наум на ручек, се возеше по изворите на Црн Дрим, а на своите инстаграм-профили објавија фотографии како уживаат капејќи се во езерото.

Биковиќ на пресот пред претставата изјави дека е пријатно изненаден од градот, убавините, но и од големината на фестивалот „Охридско лето“.

– Многу ми се допаѓа Охрид и езерото, но и тоа како вие го одржувате нивото на овој фестивал. Што се однесува до самата претстава, имате впечаток дека репликите се многу природни како да сте влегле во нечија спална соба и слушате разговор – изјави Биковиќ.

Тимот на фестивалот со актерите на Долни сарај/Фото: Охридско лето

Ова е точниот опис на претставата што го насмеа преполниот Антички, но и сите нѐ замисли: „Дали животот во лага навистина некогаш може да биде полесен и дали со прикривањето на вистината избегнуваме да ги заштитите блиските, но и себеси?“

Актерките Тамара и Јелисавета на прошека со брод/ Фото: Инстаграм/ Тамара Крцуновиќ

Маестралните актери Милош и Тамара како една брачна двојка, и Миќко (Миодраг) и Јелисавета како друга, ги носат своите вистински имиња во претставата. Миќко и Милош навистина се кумови, а нивните жени покрај нив станале пријателки. Но, драмата се случува кога вистината излегува на површина и се дознава колку си се верни едни на други, не само како партнери во бракот, туку и како пријатели. Биковиќ од навидум жртва, излегува ист како неговата жена и пријателите. Некој што изневерува во бракот, но човек што на крајот, сепак, избира да живее во лага, затоа што според неговата теорија, лагата е доказ за искрена љубов.

Актерската четворка на претставата на Антички/ Фото: Приватна архива

– Во текот на создавањето на оваа претстава, имавме еден многу интересен процес. Режисерот Љуца цело време нѐ враќаше на основните актерски задачи. Во текот на целиот процес соработувавме со него, но и меѓу себе како актери – рече на пресот актерката Јелисавета Теодосиќ.

– Она што јас го извлеков од оваа претстава е дека човек за да лаже успешно, мора да ја интегрира таа лага во својот живот, да ја памети и да поверува во неа. Потоа таа станува на некој начин вистина која истиснува некоја друга вистина во неговиот живот. Накратко, човек жртвува некаква вистина заради една лага – рече Миодраг Радоњиќ, телевизиски, филмски и театарски актер и продуцент. И во претставата, тој глуми лик од својата фела.

– Секојпат го менуваме амбиентот што секако не е лесно за овој вид претстава која е работена амбиентално – изјави актерката Тамара Крцуновиќ. Директорот на Драмскиот театар во Белград Југ Радивојевиќ рече дека за оваа претстава досега не останала ниту една карта непродадена.

„Охридско лето“ траеше речиси 40 дена, и понуди многу богата и разновидна програма. Како што на затворањето кажа директорката Наташа Поповиќ, таа е многу горда на својот тим и чест ѝ е што е дел од нив. Музички селектор беше Бисера Чадловска, а драмски Сања Арсовска.

Актерите уживаа капејќи се во езеро/ Фото: Инстаграм/ Милош Биковиќ

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот