ФОТО | Маркирани нови 120 километри планинарски патеки од Македонската бесконечна трансверзала
Иницијативата „Самиана“ (Sammiana) информира дека пролетното маркирање и расчистувањето на планинарските патеки на Македонската бесконечна трансверзала е во полна пареа, а периодов се маркирани нови 120 километри.
Препорачано
„Горди сме што може да се пофалиме дека во изминативе два месеца се маркирани нови 120 километри од трансверзалата. Најголем дел од новомаркираните делови се на секциите I1 и I7, а воедно се вршат и проверки, корекции и расчистување на трасата и на секциите I2 и I3. Пролетта е и идеален период за планинарење и прошетки по овие секции, така да искористете го периодот и уживајте во нови предели по нови планинарски патеки!“, соопштија од иницијативата.



Здружените планинари изминативе години започнаа иницијатива да се маркира и исцрта кружна патека што поминува низ планините од западниот, централниот и источниот дел од Македонија. Односно, непрекината пешачко-планинарска патека со должина од 2070 километри која поминува низ огромен број природни убавини, историски локалитети и други знаменитости на територијата на Македонија, а ја нарекоа Македонска бесконечна трансверзала.
„За што поголемо уживање, трасата се стреми кон дивината, т.е. подалеку од цивилизација. Поминува преку или најчесто во подножјето на сите попознати и голем број помалку познати планински врвови, со што се има можност за кратко време преку дополнителните странични патеки да се искачат било кој од нив што дава дополнителен предизвик на самата патека“, рекоа од иницијативата за Македонската бесконечна трансверзала.
Замислено е патеката да има една централна точка од каде што може да одберете да тргнете во четири насоки, а потоа по отприлика 40-50 дена повторно да се најдете на истата централна точка и да продолжите во друга насока или да продолжите по веќе поминат дел, но во спротивна насока.
„По два месеца веќе е сменето годишното време и може повторно да продолжите по веќе поминат дел од патеката за да добиете сосема ново искуство и доживување бидејќи истиот тој дел веќе има сосема друг лик. Имајќи во предвид дека може да одберете и веќе поминат дел но во спротивна насока, испаѓа дека може да пешачите со месеци, т.е. бесконечно и цело време да не се осетите дека одите по истата патека. Кога ќе го додадеме и фактот дека патеката на мапа личи на математичкиот симбол за бесконечност ( infinity, endless ) , тогаш јасно е дека патеката со право можеме да ја викаме ‘бесконечна’“, соопштија од иницијативата.





Фотографии: Sammnia – Македонска бесконечна трансверзала / Фејсбук


