ФОТО | Македонските цвеќари ги „процветаа“ тиквите за Ноќта на вештерките
Во октомври, пазарите се преполни тикви, а цената од 20 до 30 денари за килограм, ги прави достапни за сечиј џеб. Според податоците од Државниот завод за статистика, едно македонско семејство лани купило 3,3 килограми тиква
Забави под маски, цветни аранжмани во издлабени тикви и по некое маскирано детенце колку да не ни фаќаат „кусур“ дека Македонците се имуни на светското лудило за Ноќта на вештерките (Халоуин) е сликата која може да се забележи и 31 октомври. Но малкумина знаат дека Светскиот ден на тиквата се слави секоја година на 26 октомври, во екот на есента кога тиквите се користат за резбање, декорација и кулинарски задоволства. Во текот на 20 век, Ноќта на вештерките се повеќе се комерцијализираше, со акцент на забава, паради со маски и собирање слатки за деца.
Препорачано
Денес, се слави низ целиот свет, со модерни елементи инспирирани од популарната култура, филмови и страшни приказни, додека го задржува духот и симболиката што датираат од пред стотици години. Практичната причина за популарноста на тиквите е фактот што Ноќта на вештерките паѓа точно во времето на нивната берба, што ги прави лесно достапни и совршени за декорација. Денес, резбаната тиква симболизира комбинација од страшното и забавата, создавајќи пријатно есенско чувство. Затоа гледаме тикви насекаде во октомври – во рецепти, декорации и, секако, како фенери што ја осветлуваат најпознатата есенска ноќ. Но важно е да се нагласи и дека во Македонија овие детали се појавуваат во предвечерието на Митровденската задушница, ден посветен на молитви и сеќавање на сите починати.

И без разлика дали го славите Халоуин, треба да се признае дека Македонците не се големи љубители на тиквите, но ги купуваат во недостиг на поголема и поевтина понуда на есенско овошје. Особено во октомври, пазарите се преполни тикви, а цената од 20 до 30 денари за килограм, ги прави достапни за сечиј џеб. Во последните години, има зголемена понуда на оние поголемите, округли тикви, но, нашите сограѓани ретко ги длабат и не ги претвораат во фенери, онака како што се случува во многу земји во светот. Но, годинава дел од досетливите пазарџии понудија и веќе издлабени тикви по прифатливи цени. Според податоците од Државниот завод за статистика, едно македонско семејство лани купило 3,3 килограми тиква.
Инаку, тиквите им припаѓаат на семејството на краставици. Кај нас се варат или се печат, засладени со мед и ореви. Некои прават и слатко – рачел. Иако тиквите често се сметаат за зеленчук, тие всушност се овошје.Тиквата бара многу сонце и топлина, особено во првите фази од вегетативниот развој. При ниски температури, целосно се уништуваат насадите. Во 2022 година, младиот земјоделец Ивица Крстов од кочанското село Тркање произведе тивки со просечен обем од два метри и тежина од над 70 килограми по парче. Семето за тиквите било од Словенија.

-Годинава имаше премногу дожд, а на тиквите им треба суво време. Сепак, продажната цена е ниска од 20 до 50 денари за килограм. Тиква „балканска“ или народски печенка за печење или други сорти за кашички или чорби користат граѓаните во есенските денови – велат пазарџиите.
Кина, со годишно производство на тиква од 8,4 милиони метрички тони, е најголемиот производител во светот за 2024 година. Потоа следат Индија, Русија, Украина и САД. Полска обезбедува една третина од вкупното производство на тикви во Европската Унија, зајакнувајќи ја својата позиција како најголем производител од 2020 година. Ова го објавува порталот Spożywczy повикувајќи се на податоци од Бирото за анализа и стратегија на KOWR. Според резултатите од 2024 година, Полска собрала 383 илјади тони тикви, што е 33% од вкупната жетва во ЕУ. Потоа следуваат Франција (235 илјади тони, 20%), Шпанија (172 илјади тони, 15%), Германија (114 илјади тони, 10%) и Португалија (92 илјади тони, 8%). Заедно, првите пет обезбедиле 86% од европското производство. Според Евростат, од 2014 до 2024 година, површината под тикви во Полска се зголемила од 1,1 илјади хектари на 9,3 илјади хектари, а жетвата се зголемила речиси осумкратно – од 48 илјади тони на над 380 илјади тони. Извозот останува незначителен – само 3-4 илјади тони годишно (околу 1% од производството), главно во Италија, Германија, Словачка и Чешка.

Добра заработка од продажбата на тикви, маски и слатки…
Ноќта на вештерките, како празник потекнува од келтскиот празник Самхаин, но подоцна во IV век, кај Англичаните го добил името Ноќта на вештерките, што е скратена форма на фразата „ол халоус’ив“ или во превод, „предвечерие на празникот на Сите светци“. Инаку, според католичките власти, Ноќта на вештерките е директно против католичкиот празник Сите светци. Во 2009 година, Ватикан ја осуди зголемената популарност на Ноќта на вештерките, нарекувајќи го „антихристијански“ и „опасен“.
Ноќта на вештерките сега ги презеде пропорциите на секуларна прослава. Воедно, ова е датум на кој со нетрпение очекуваат и трговците кои задоволно ги тријат рацете бидејќи продаваат голем број маски и костими, како и тикви.

Во анкетата која во септември ја објави Националната федерација за малопродажба, се очекува Американците да остварат купувања поврзани со Ноќта на вештерките во вредност од 13,1 милијарди долари во 2025 година, во споредба со 11,6 милијарди долари минатата година и соборувајќи го претходниот рекорд од 12,2 милијарди долари во 2023 година. Од 13,1 милијарди долари предвидени трошоци, анкетата на НРФ покажа дека 4,3 милијарди долари од ова ќе одат за костими, 4,2 милијарди долари за декорации, 3,9 милијарди долари за бонбони и 0,7 милијарди долари за честитки. Се предвидува дека трошењето по лице ќе достигне рекордно високо ниво од 114,45 долари, во споредба со 103,63 долари во 2024 година и претходниот рекорд од 108,24 долари во 2023 година, објави Њусвик.


