ФОТО | Љубовта на еден тиранин: Ја третирал како куче, 50 години ја држел затворена, не дошол ни на нејзиниот погреб

Виктор Иго / Фото: Profimedia

Виктор Иго остана запаметен како еден од најважните француски писатели и автор на бесмртни дела кои и понатаму уживаме да ги читаме. Меѓу најпознатите негови дела се „Ѕвонарот на Богородичната црква“, „Клетници“ и „Човекот кој се смее“, кои оставија голем белег на светската книжевност.

Виктор Иго фотографиран од Етиене Карјат, 1876 година / Фото: Profimedia

Една од првите личности која ги читала неговите романи била Жулиет Друе, која 50 години ги препишувала сите негови ракописи, а била толку сиромашна што не можела да си купи ни нов фустан.

Ова е нејзината приказна…

Писателот и неговата сакана

„Кога жена ќе помине покрај вас и со својата појава и начинот на кој оди ќе ви го одземе здивот, изгубени сте, заљубени сте. Во тој момент постои само една работа што може да ја направите – да мислите толку интензивно на неа, што и таа ќе биде принудена да размислува за вас“ – рекол во една прилика Виктор Иго за Жулиет.

Портрет на Жулиет Друе/Фото: Profimedia

Виктор и Жулиет се запознале кога таа имала 27 години, додека читале еден од неговите романи во кој таа имала мала улога.

Жулиет е родена како Жулиен Жозефин Гуван, во семејство на татко кројач и мајка која работела како домаќинка и слугинка во куќите на другите луѓе. Мајка ѝ починала само неколку месеци откако ја родила Жулиет, а татко ѝ една година подоцна. Ја одгледал нејзиниот вујко кој ја потикнувал на читање и на поезија, а Жулиет го слушала и уживала во книгите.

Во 1825 година се запознала со склупторот Џејмс Прадијер, уметник кој не бил поддржувач на бракот, а во врската Жулиет му ја родила вонбрачната ќерка Клер. Во 1829 година Жулиет ја започнала својата кариера како актерка и почнала да живее како куртизана (љубовница на богатите мажи).

Виктор Иго бил фасциниран од неа уште кога ја видел, но се срамел да признае поради животот што го водела. Единствениот приход Жулиет го имала од богатите љубовници, а тие пари раскошно ги трошела само за себе. Но, се вљубила во Виктор и го напуштила театарот, развратниот живот и нејзините љубовници.

Салонот на Жулиет Друе/Profimedia

Од богатство во сиромаштија

Иго бил богат и моќен, но не сакал парите да ги троши на Жулиет, затоа што ги презирал куртизаните. Ѝ забранил да комуницира со други луѓе и без негова дозвола не смеела да ја напушта куќата. Во тоа време бил оженет со друга жена и не сакал да го напушти семејството, но не сакал да ја напушти ни Жулиет. Ја прашал дали сака да му биде секретарка и да ги препишува сите негови дела.

Опседнат со љубомора и со нејзиниот претходен живот, неговата љубов често се претворала во тиранија. Се однесувал како да ја поседува. Таа не се противела и била спремна да направи сѐ за него.

Бидејќи богатиот писател практично ја држел како затвореничка, таа морала да ги продава своите лични работи за да ги врати долговите. За да заштеди пари, понекогаш не палела оган за време на зимата, а ако било премногу ладно, останувала цел ден под јорганот. Иго никогаш не ѝ дозволил да купи нешто ново.

Иако бил лудо заљубен во Жулиет, Иго не ја заборавил својата сопруга Ана и неговите деца. Нив им го давал целиот луксуз, а и самиот живеел многу раскошно, за разлика од Жулиет.

Семејството на Виктор Иго/Profimedia

Љубовта на еден тиранин

Кога конечно ќе ѝ дозволел да оди со него на некоја посета, таа како верно куче го чекала во колата или во некој агол. Во некои писма кои останале зачувани, Жулиет му пишувала:

„Фала ти што ме третираш како куче скитник и многу си суров кон мене.“

После 10 години исчезнала нејзината убавина. Таа се сметала себеси за неатрактивна, но и понатаму продолжила да му угодува на Иго и му велела дека тој не остарел ни ден, дека и понатаму е шармантен и привлечен.. Го гледала со еднакво заљубени очи, исто како и првиот ден.

Жулиет Друет / Фото: Profimedia

Во 1851 година Жулиет добила вознемирувачки вести – новата љубовница на нејзиниот сакан ѝ ги пратила неговите писма и ѝ открила дека сега е заљубен во неа. Тоа биле истите писма кои ѝ ги праќал и на Жулиет и кои за неа биле единствениот извор на среќа во изминатите 18 години.

Иго имал стотици љубовници. Всушност за него се верува дека спиел со дури 200 жени во текот на две години. Знаел да се разбуди покрај „лесна жена“, попладнето да ужива со танчерка, а вечерта да се види со дама од благородно друштво.

И покрај сѐ, Жулиет го сакала. На крајот се разболела од рак и сфатила дека нејзиниот живот се ближи кон крајот, но не сакала да го вознемирува Виктор со тоа. Починала на 77 години потполно сама.

Писателот не се појавил на нејзиниот погреб, затоа што се грижел што ќе помислат луѓето ако го видат таму. Починал две години покасно, на 83 години. На неговиот погреб дошле дури два милиони луѓе.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот