ФОТО | Ќерката на Јонче Христовски се расплака на концертот посветен на татко ѝ: Невенка со Виолета Томовска ја испеа „Македонско девојче“

Виолета Томовска/ Невенка/Ленче Кукиќ/Пеце од „Суперхикс“ Фото: Приватна архива

Невенка, ќерка на легендарниот пејач Јонче Христовски, се расплака на сцената на Националната опера и балет, додека заедно со Виолета Томовска испеа дел од „Македонско девојче“, песната што ја создал нејзиниот татко.

Невенка ќерката на Јонче Христовски заплака на сцената со Виолета Томовска/ Фото: Приватна архива

На концертот одржан во средата, кој го организираше Битолскиот камерен оркестар, „IWConnect“, „Јонче Христовски симфонија“, другарката на Јонче, музичката дива Виолета Томовска, ја повика неговата ќерка Невенка да се појави на сцената. Иако таа не сака јавно да се експонира, едвај собра сила и ѝ се придружи на Виолета, во половина од легендарната песна, а потоа си замина. На сцената со Виолета, по најавата на Ристо Самарџив, се појави уште една Невенка, вистинското македонско девојче. Тоа е ќерката на Виолета, која се вика исто како и ќерката на Јонче. За неа, како подарок за првиот роденден, Јонче ја напишал „Македонско девојче“.

Невенка, ќерката на Виолета Томовска со Ристо Самарџиев/ Фото: Приватна архива

– Го славевме првиот роденден на нашата Невенка. Бевме собрани многу колеги. Дојде и Јонче и рече дека заборавил да купи подарок. Сите се смееја. Тогаш, за нашата ќерка, тој ја напиша „Македонско девојче“. И мојата ќерка и неговата имаат исто име – раскажа Виолета Томовска.

– Јонче беше голем другар. Тој создаде толку многу песни, а на никого од нас не зема пари за нив. Пееше и пишуваше од срце и од душа“, раскажа Томовска и на крајот од концертот ја испеа „Ој Вардаре македонски“.

Одговорна улога имаше и Горан Кукиќ, но за пејачиште како него ниту една песна не е проблем, па беспрекорно и со многу емоции го испеа големиот хит „Ај засвирете ми чалгии“. Концертот го разубави и неговата сопруга Ленче Кукиќ, која на бисот ја испеа „Македонско девојче“ по Виолета, а претходно ја развесели и ја одушеви публиката со уште две песни од Јонче.

Ленче Кукиќ/ Фото: Приватна архива

Целата публика со љубов ја пееше „Едно име имаме“, во интерпретација на Елена Андоновска, во една понежна и посмирена верзија, а сепак, полна со емоции и многу убава за слушање.

Елена Андоновска/ Фото: Приватна архива

Душко Георгиевски, пак, потсети на тажната судбина на Јонче, кој многу рано останал без својата сопруга Олга и самиот се грижел за двете ќерки, Невенка и Олга, која се преселила во Канада и за жал починала.

– Сите сте запознаени со тажната судбина на Јонче. Но, тој секогаш наоѓаше начин да запее и да се развесели – раскажа Душко.

За животот на Јонче, најмногу зборуваше Ристо Самарџиев.

– Неговата музика е во секоја пора на сите нас, неговиот рок на траење е бесконечен – кажа Самарџиев.
– За првпат го запознав Јонче кога имав пет-шест години. Тетин ми ме однесе во ресторанот каде што пееше. Добив посвета од него, која уште ја чувам како реликвија. Кога го испраќавме Јонче пред 23 години, беше април. Тој посака да го испратиме со песна, и ние тоа го сторивме, иако грлата не ни даваа да пееме – раскажа Самарџиев.

Тој, како што рече, во договор со диригентот и оркестрант на концертот Владимир Димовски, ја испеа „Ако умрам ил загинам“ во една побоемска верзија, во чест на големиот битолски боем. Заедно со оркестарот, Самарџиев успеа да ја наежи публиката, вредеше промената на оригиналниот звук на оваа песна што е една од обнародените на Јонче.

На концертот, свој печат даде и младата пејачка Агни Авшар со својот убав глас, а најголемо изненадување се случи на стартот. Концертот го отвори Петар Младеновски, попознат како Пеце од „Суперхикс“, облечен во народна носија, со мустаќи и покажа дека добро „плива“ и во традиционалната музика.

Пеце „Суперхикс“/Фото: Приватна архива

Пред Скопје, и битолчани пееја за својот сограѓанин, на концертот што се одржа во Домот на културата во вторникот. Музиката на Јонче два дена по ред обедини неколку генерации, кои на нозе го славеа неговиот живот.

Браво за идејата на Битолскиот камерен оркестар, која дефинитивно треба да се повтори и во другите наши градови.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот