ФОТО | Интервју со Марија Исаиловска, дефектолог по професија, но и пекарка на слатки чуда

Марија Исаиловска/instagram
Марија Исаиловска/instagram

Нозете цврсто на земја, мислите во облаци. Сѐ ќе биде добро.

Марија ја знам од Твитер заедницата. И ги знам зборовите, приказните за Веда нејзината ќеркичка, за љубовта кон храната, готвењето, но и професионалната ориентација. Сето тоа го знам како од далеку, а сепак блиску, како кога слушате музика и не ги разбирате зборовите добро, па ве носи мелодијата.

Марија Исаиловска е од оние луѓе која низ цвеќињата што ги одгледува и боите што ги собира од денот, создава слатки чудесии, кои во моментов се дел од мени од еден наш ресторан за брза храна. По професија е дефектолог, а по сон – пекарка на слатки чуда.

Фото: Марија Исаиловска/Инстаграм

Да се прават слатки е магија. Точни мерки, внимателност со тесто, нежност со кремови, едноставност и прецизност, за која не е секој даруван да може, да умее. Вие тоа го правите со леснотија на пеперутка. Марија, како почна сево ова?

– Приказната „Јас во кујна“ води потекло уште од детските денови. Кога растев, на ТВ сѐ уште го немаше Џејми Оливер, но затоа Стево Карапанџа ми беше познат. Неретко се случуваше една обична кајгана што си ја правев по училиште да прерасне во кулинарско шоу, со дегустација и „поздравување публика“. Верувам дека моите дома се смееле на овие моменти. Меѓутоа, иницијалната каписла за навистина да посакам да се видам себеси во кујна, како начин за опстојување, плаќање сметки… генерално, како професија, беше почетокот на пандемијата. Имам две вокации, но целата моја досегашна работна кариера ја поминав како здравствен работник. 2020 година ме притисна во ќош и ме натера да ги прелистам одново своите приоритети и да разберам и прифатам дека тие се промениле. Важно ми беше да сум дома колку што е можно повеќе со ќерка ми. Ми требаше работа која нема да ми ги одзема деновите од неа. Веројатно звучи себично ова, но морав да бидам на чисто со себе, а и со другите. Единствено нешто со кое можев да се препознаам себеси во огледалото во тој момент беше врзана престилка на себе и маталка во рака. Си реков дека е време да извадам сѐ на површина и да почнам да го правам тоа што отсекогаш го сакав, да готвам.

По професија сте дефектолог. Колку тој свет е една поинаква димензија на сознавањето и работата со специфични состојби, наспрема кулинарството? Што може да ги спои?

– За кои било две нешта што ни изгледаат дека се на сосема различни страни од спектарот по својата тежина, барање за ангажираност, проблематиката што ја носат како специфика, сосема слободно може да се каже дека силна допирна точка и место на нивно поврзување е токму личноста пред која се претставени. Јас сум една и како таква имам еден начин на восприемање и решавање на одредена задача, без разлика дали се работи за праксија и гнозија, скината задна ложа или чоколадна торта. Во сите овие нешта гледам што можам да дадам од себе, за да биде подобро. За мене едното со другото се логично поврзани бидејќи им приоѓам на ист начин.

 

Леб/Марија Исаиловска/Instagram
Фото: Марија Исаиловска/Инстаграм

Што ви е најтешко, а што најлесно кога ги правите слатките, лебот?

– Најтешко ми е кога треба да чекам два часа за тортата да се излади, па потоа да нанесам крем. Најлесно ми е да си скршам тазе топло лепче и да го изедам со сласт.

Инспирацијата е можеби само дел од целосниот мозаик на приготвувањето храна за други. Од каде е изворот, познавајќи колку исцрпувачки може да биде физичката посветеност за готвење?

– Изворот е немирот, односно пренатрупаноста со желби. Потребата да извадам сѐ од себе и да споделам. Да се испразнам духовно и ментално. Да дадам сѐ од себе за да ги задоволам тие што чекаат на мене, па потоа нивното задоволство да ме исполни со спокој и можност за нови желби. И така сѐ во циклуси.

тикварник, Марија Исаиловска/Инстаграм
Фото: Марија Исаиловска/Инстаграм

Рецептите што ги правите се професионална тајна, но можете да ни го споделите вашиот омилен колач и да ни го опишете?

– Како од пушка одговор: тикварникот на баба ми. На работа имаме тенденција десертите да се напишани на англиски, но тој јазик не може да го долови Тафталиџе во доцна есен. Средина на ноември е, некаде 1992-93 година. Сивило е, ладно е и автомобилите возат по парен и непарен број. Но, јас сум дома, ме пуштиле да си играм во стакларникот со лимонови дрвца и сардели, а од кујната доаѓа сладок, најсладок мирис на тикварникот на баба Ица. Секој залак вели „сѐ ќе биде добро“. Ми пукаат образите од среќа. Нозете цврсто на земја, мислите во облаци. Сѐ ќе биде добро. Ете, таков му е вкусот.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот