Фото и видео дејностите бараат поддршка од Владата и вклучување во петтиот сет мерки

Фото: Janusz Pieńkowski / Alamy / Alamy / Profimedia

Претставниците на фотографската и видео дејноста во земјава формираа Комора. Здружени, апелираат дека и тие се погодени од пандемијата, дека се колатерална штета од ограничувањата за работа на угостителските објекти, дека е загрозена нивната егзистенција и дека државата ги заборавила. Затоа, како што соопштија денеска, бараат да бидат опфатени со петтиот пакет антикризни мерки.

Новата Стопанска комора за фотографска и видео дејност која ги опфаќа сите фото студија и видео продукции за свадби и настани, самостојни вршители на фотографска дејност и правни лица кои вршат набавка и дистрибуција на добра, веќе поднела барања за средби до надлежните министерства, на кои би се продискутирала ситуацијата и би биле изнесени конкретните барања.

Според Комората, голем дел од нејзините членки се микро и мали претпријатија со мал број вработени, еден до пет, па само со отпуштање на еден вработен не ги исполуваат условите за користење на владините мерки и условите за поволните кредити од Развојната банка.

-Нашите членови се колатерална штета на забраните кои се однесуват на угостителскиот сектор за организирање и одржување семејни веселби, прослави и настани. Ние како дејност која највеќе се занимава со фотографирање и видео снимање на погоре спомнатите настани, поради забраните ги изгубивме сите договорени настани за 2020 година, а овој тренд на откажување ќе продолжи и во 2021-ва ако пандемијата не се стави под контрола, наведува претседателот на Комората, Миле Спасов.

Поради откажаните настани и намалената работа, додава Спасов, повеќето дуќани ги
отпуштиле вработените, дел ги ставиле фирмите во мирување, а некои ги затвораат претпријатијата.

-Пратени се барања за средби до соодветни министерства од каде очекуваме покани за средба на кои сакаме да дискутираме за следните наши барања: да бидеме опфатени во петтиот пакет економски мерки како една од најзагрозените стопански дејности, да добиеме континуирана финансиска помош за исплата на плати до завршување на пандемијата и до изготвување протоколи за свадби и организирање на настани кај угостителите, со финансиската помош за исплата на плати да бидат опфатени и отпуштените вработени кои на овој начин ќе се вратат на работа, да добиеме директна неповратна финансиска помош – грант за сите чинители во дејноста, достапност на фотографската и видео дејноста до долгорочни и бескаматни државни кредити за одржување на ликвидноста на правните субјекти, како и повластена стапка на ДДВ од или на фотографската и видео услуга за правните субјекти кои се ДДВ обрзници, истакнува опретседателот на Комората.

Комората бара и да и се овозможи да издава лиценци за фото и видео дејноста за да се стави
ред во фелата и да се спречи нелојалната конкуренција.

-Бараме и да се добие одобрение или решение од МВР, при аплицирање за лични документи (пасош, лична карта, возачка дозвола) при пополнување на Барањето да се достави и фотографија која ќе се направи исклучиво во лиценцирано фото студио и на тој начин да се обезбеди некаква егзистенција на нашите правни субјекти и вработените. Се надевам дека и во овој ти Пакет на Економски Мерки нема да бидеме заборавени од страна на Државата и ќе добиеме покана за средба во Влада каде ќе дискутираме околу нашите барања и нивното исполнување, напоменува Спасов.

Комората најавува дека следниве денови ќе има состаноци на ниво на сите региони во државата за да го зголеми членството, но и за да се разговара за проблемите со кои се соочува дејноста. Воедно ќе се презентираат нејзините цели, значењето и барањата со кои ќе настапи на средба во Владата. Направена ќе биде и статистика за претрпената штета во овој сектор од почетокот на корона кризата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот